Што да прави човек на кој му е фрлена бомба?

Ако не се умислил дека станал Капетан Америка, тогаш најдобар совет во случај на фрлена бомба е да не ни помислува да му ја врати бомбата на оној кој му ја фрлил.

И ние така се зезнавме. Иако заколнати цивили, се зачитавме на тема која никогаш не би нè заинтересирала, да не бевме форматирани со павлов рефлекс да трзаме на "клучни зборови". А кога веќе сме прочитале, да споделиме

Со прашањето "Што е најпаметно да прави човек кога фрлиле бомба кон него?" се занимава Gizmodo кој на темава консултирал неименуван американски воен ветеран. Во идеална ситуација, човек не ни треба да помислува дека ќе дојде во ситуација, но ете, и тоа се случува.

Дури и да не се најпрецизно фрлени, бомбите имаат доста широк радиус на експлозија и многу малку време оставаат за реакција. Ветеранов вели дека најлош можен потег е да пробате да ја вратите бомбата онаму од каде што дошла. Просто, ќе ви експлодира во раце. Втора лоша опција е да помислите дека може да избегате од неа, бидејќи немате време за тоа.

Што да се прави? Вика, треба да се фрли на земја и да залегне најниско што може, бидејќи повеќето најубиствени шрапнели ќе одат високо (ви текнува?).

Е сега, како да се фрлиш, во кој правец? Со главата кон експлозијата, странично или пак со нозете свртен накај неа?

Во секој случај, најлошо е да залегнете странично бидејќи така изложувате огромен простор од телото. А треба да ја минимизирате површината која ќе го поднесе ударот.

Старата школа на ЈНА веруваше во чизмите тоест нозете. Кога на пример војник ќе добиеше команда "Aтомски с лева!" (што значи дека паднала атомска негде лево, да речеме, во правец на Шабац) требаше итно да се фрли десно (накај Стара Пазова), со идеја само табаните да му подгорат а да спаси глава. 

Американската школа има поинаков концепт. Таа предупредува дека на нозете и внатрешните органи ќе им бидат нанесени многу опасни и многу болни повреди. И да се преживее, најверојатно следува тешка и доживотна инвалидност.

И така доаѓаме до главата. Во случај на фрлена бомба војник треба да залегне со главата кон точката на експлозија бидејќи главата му е најзаштитениот дел благодарејќи на шлемот. Денес постојат шлемови (воениве главно од кевлар) кои се доста ефикасна заштита, порачува упатениот консултант.

Да сумираме: враќање на бомбата - никако. Да се бега од неа - нема време. Да свртиш нозе - ќе ти разнесе утроба. Доколку имаш набавено шлем, ти останува да ја понудиш главата и да веруваш дека тој ќе биде доволно силен да ти ја спаси и главата и животот.

Кој има набавено шлем и чиј шлем ќе издржи, останува да се види откако експлозијата ќе стивне.

7 март 2015 - 17:59