Рамноправност во Емирати е кога сите мажи се рамноправно наградени

Вицот почнува со „Обединетите арапски емирати доделуваат награди за родова рамноправност“, а завршува со „сите добитници на наградите за родова рамноправност се мажи“, и не е виц.

Шеикот Мухамед бин Рашид ал Мактум (потпретседател на Емиратите и владетел на Дубаи) додели награди во категории како „најдобра владина организација што поддржува родов баланс“, „најдобра федерална организација што поддржува родов баланс,“ и „најдобра иницијатива за родов баланс“.

Добитниците, како што може да се очекува од хиерархијата на тамошната администрација, сите до еден беа мажи.

Наградите се даваат според Индексот за родов баланс на ОАЕ, кој го зема предвид напредокот на темата што е направен во текот на изминатата година.

За волја на вистината ОАЕ навистина имаат највисока рамноправност на половите во регионот, но притоа треба да се земе предвид дека станува збор за регион во кој ОАЕ може да биде најдобар во ваква рамноправност. Во 2015, 135.000 жени од Емиратите учествувале во работната сила на земјата, споредено со само 1.000 во 1975.

И покрај вакви егзибиции на рамноправност, во ОАЕ и понатаму функционираат сите меѓуполови механизми карактеристични за овој дел од светот - дека мажот има приоритет кога се во прашање брак, развод или старателство врз деца, како и тоа дека жена смее да се тепа по дома само да не се претера во тоа и да биде во рамките на исламските закони.

29 јануари 2019 - 11:09