Почина Никола Тесла на залетнувањето

Почина изумителот на техниката што од задушување со храна има спасено илјадници луѓе. Иронијата овојпат беше на распуст: доктор Хенри Хајмлих почина на фини 96 години, од срце.

Зафатот се вика „Маневарот на Хајмлих“ и наречен е според човекот што го измислил, торакалниот хирург и медицински „волшебник“, чија техника се смета дека спасила над 100.000 животи. Елизабет Тејлор, Голди Хон, Шер, Хали Бери, Џек Лемон и Роналд Реган се само некои од славните личности што својот живот му го должат на доктор Хајмлих, кој ја изумил универзално познатата процедура во 1974. Самиот првпат ја применил дури оваа година, кога во домот за стари лица каде што престојувал ѝ го спасил животот на 87-годишна бабичка, која ќе се задавела од парче хамбургер.

Иако ќе остане запаметен токму по овој зафат, на негово име се водат и куп други медицински иновации и апарати, вклучително и механички помагала за операција на гради што биле употребувани за време на војната во Виетнам. Бил чест гостин по медиумите, шоумен што особено во доцните години од кариерата знаел убедливо да се конфронтира со медицинскиот естаблишмент.

Но така било и кога прв пат го промовирал „антигушачкиот“ маневар - тогашните доктори рекле дека е ненаучен и небезбеден, бидејќи може да предизвика внатрешни повреди и скршеници. Но во 1970-тите гушењето од храна и други предмети (на пример играчки) било шеста причина за смрт од несреќен случај во Америка, со околу 4.000 жртви годишно, меѓу кои и голем број деца. Техниките што ги предлагал Американскиот црвен крст - посилни удари по грбот или буткање прсти во грлото често само ја влошувале работата. Хајмлих верувал дека отсечното притискање на дијафрагмата е клучот за успешно исфрлување на предметот што го блокира дишникот. А за да се увери во тоа, прво пробувал на - кучиња.

Откако зафатот бил емитуван на телевизија, почнале да се слеваат сведочења дека на тој начин комшии, другарчиња и непознати луѓе низ земјата си го спасиле животот. Хајмлих станал славна личност во професија во која самопромоцијата се смета(ла) за ексцентрично гребење за слава. За чудо, еден од најголемите критичари на Хајмлих бил неговиот роден син, Питер, кој го нарекувал татко си „измамник“, наведувајќи примери за неетички медицински експерименти што се одвивале во институтот на татко му, поврзани со сида, рак и Лајмовата болест.

Но доктор Хајмлих останал верен на своите ставови, па својата автобиографија од 2014 ја насловил „Моите седумдесет години на животоспасувачки изуми“. Неговата анимирана серија за деца, „Лекции за итни случаи на доктор Хенри“, во 1980 ја доби наградата Еми.

„Можам да направам многу повеќе за да се спаси нечиј живот во три минути на телевизија, отколку целиот мој живот во операциона сала“, изјавил во едно од своите интервјуа.

А еве го и зафатот, објаснет, да си знаете:

Препорака за гледање:


Во филмот „Чоук“ (Гушење) еден гилиптер и зависник од секс, кого брилијантно го игра Сем Роквел, на јавни места глуми гушење. Поентата му е дека добрите луѓе што ќе го изведат зафатот на „мечкина прегратка“, откако ќе спасат нечиј живот, често се приврзуваат со човекот што го спасиле, па знаат и дополнително да му помагаат. И дека е глупо да почнеш со глумење гушење пред слеп човек.

19 декември 2016 - 16:47