Небањатите им пречат на авторитарци

Сосема спротивно на локалните искуства, по кои сè што не беше шарено се прогласуваше за небањато (што е само еден облик на простачка дисквалификација на оние што мислат поинаку; додади и сендвич во равенката и ете те тебе во елитата), Гардијан пишува за научна студија од Шведска по која „гадливите“ имаат склоност да се десничари со авторитарни тенденции.

Луѓето кои се чувствителни на мирис на пот и други телесни флуиди имаат поголеми шанси да се десничари кои поддржуваат авторитарни тенденции, пишува Гардијан за една нова шведска студија која утврдувала релации на оваа тема. Истата групација луѓе била склона и кон поддршка на Трамп за време на изборите.

Истражувачкиот тим сугерира дека нивните наоди ја поддржуваат идејата дека чувството на гадење од телесни мириси има свој удел во социјалната дискриминација на поинаквите а дека влече корени во примитивниот нагон да се избегнат болести од непознати лица или непознати средини. 

„Сметаме дека авторитарните однесувања, барем делумно, се вкоренети во биологијата“, вели еден главните истражувачи“, доктор Јонас Олафсон од Универзитетот во Стокххолм, порачувајќи дека и покрај биолошките корени, ова не е нешто што не може да се смени или да се работи на него. 

Во претходни истражувања на слични теми, утврдено е дека генералното чувство на гадење има врска со политичката ориентација. На пример, конзервативците имаат поголема аверзија кон одвратни слики.

Шведското истражување опфатило 750 поединци чија чувствителност на туѓи мириси била проверувана со блискост со авторитарни политички ставови од типот „На нашата земја ѝ е потребен храбар лидер кој решително ќе им стави крај на негативните појави во општеството“.

Социјален психолог од Кент која не учествувала во студијата оценува дека новите резултати се на линија на претходните сознанија кои велат дека луѓето кои се пречувствителни и склони кон гадење, истовремено се нетолерантни кон пониските социјални групи. 

„Фокусирањето на гадењето од телесни мириси е интересно и сугерира многу подиректна врска кон корените на предрасудуите. Како што пишуваше Орвел во една книга „Како што нè учеа, сиромашните смрдат“, вели Роџер Гинер Сорола од Кент за кого оваа студија е драгоцен додаток кон еволутивната природа на предрасудите.

Не дека во Македонија нема луѓе кои би можеле и малку почесто да се бањаат, ама испадна дека  оние што политички се гадеа од „небањати“, најмногу нè отруја.

28 февруари 2018 - 14:00