Не, кучињата не ви се деца

Во една бракоразводна парница канадски судија морал да им објаснува зошто во нивната разделба, законот не може нивните кучиња да ги третира како што се третираат децата во иста ситуација.

Кучињата се сопственост и не можат да се третираат на ист начин како што се третираат деца на родители што се разведуваат, пресудил судија од Торонто во случај на маж и жена што се развеле по 16 години брак.

Двојката немала деца, па инаетот се насочил на прашањето кај кого ќе припаднат двете нивни кучиња. Судијата им порачал дека е бесмислено скапиот судски систем да се користи за вакви апсурдни конфликти.

Во иднина некој во развод ќе може да тврди дека е многу приврзан кон нивните семејни ножиња за путер и дали тоа значи дека судијата ќе треба да пресуди старателство врз ножињата кај еден, а неделна посета на ножињата кај другиот партнер?, прашал судијата.

Бидејќи очигледно се работи за неразумни луѓе што се спремни да се влечкаат по судови за вакво прашање, во образложението на одлуката судијата морал прецизно да им ги посочи разликите меѓу домашните миленичиња и децата.

Ние во Канада не ги набавуваме децата од одгледувачи ниту пак подоцна ги спречуваме да се парат со други луѓе за да им ја зачуваме чистотата на крвната линија. Исто така, во случај кога нашите деца не се однесуваат пристојно или пак се насилни, не се решаваме да ги кастрираме или да ги успиеме до смрт, пишал судијата.

За да знаат дека вакви случаи непотребно си играат со трпеливоста на судиите тој ја потсетил двојката дека со оглед на тоа што во очите на законот кучињата се третираат како сопственост, тој има полно право да нареди тие да бидат продадени, а бившите сопружници да ги поделат парите.