#MeToo удри по германскиот јазик

Дилемата дали е подобро во јазикот да имаш и машки и женски (и среден) род или само еден род, за #MeToo движењето воопшто не е дилема: не е подобро да имаш два рода, треба за сите да важи еден.

Како што #MeToo се прошири и на Германија, така активистите за права на жените се сè погласни дека германскиот јазик е една од најголемите пречки за напредување на Германките на работа. За разлика од англискиот каде што имаш само доктор и професор, германскиот јазик (а истото важи и за македонскиот) разликува доктор и докторка, професор и професорка.

Луиз Пуч, германска лингвистка која специјализира феминистички говор, порачува дека „родовата наклонетост го наоѓа својот пат во секоја дупка и пукнатина на општеството.“

Таа лингвистичкиот шовинизам на повеќеродноста на германскиот јазик го опишува со пример според кој доминацијата на машки именки во огласите за работа значи дека за девојките често пати е тешко да замислат дека некој и нив ги бара, “тие не само што граматички се потиснуваат, туку тоа го прават и преку сопствената слика за одредена професија.“

На критиката се надоврзува и асистентката по германски јазик на Универзитетот Мичиген, според која Германците сакаат себе си да се сметаат за прогресивни кога се во прашање жените и работата „ама кога ќе ги погледнеш јазикот и статистиките околу еднаквите можности за мажите и жените, тоа не е реалност.“

Статистиките за кои што зборува асистентката се однесуваат на разликата во платата па Германките и понатаму се платени 21% помалку отколку мажите, а женските пензии во просек се околу половина од пензиите на мажите, што е најголема разлика меѓу сите членки на ОЕЦД.

Уште една забелешка е дека женската форма на именките со години не била користена, и не се ни смета дека може да и парира на именката во машки род.

„Порано нè нарекуваа луди. Ама сега проблемот влезе во меинстрим темите на општеството,“ изјавува Пуч.

Во март, жена изгуби тужба против германско Шпаркасе во која бараше да и се обраќаат само со именки во женски род. Во меѓувреме активистите кои се залагаа за преструктуирање на германскиот јазик беа крајно разочарани од Меркел која годинава ги отфрли барањата за промена на националната химна поточно зборот „татковина“ да биде заменет со нешто налик „родна земја“ (homeland).

10 јули 2018 - 11:02