Луѓето се преглупи за демократија

Демократијата се заснова на една убава претпоставка. Меѓутоа таа се судира со едноставен факт: некомпетентни луѓе не можат да судат за компетициите на другите. И затоа секогаш главно избираат осредни лидерства.

Основниот концепт на демократијата се заснова на претпоставката дека граѓаните, барем поголемиот број од нив, се способни за препознавање на најдобрите политички кандидати или на најдобрите идеи. Но детално истражување под раководство на психологот Дејвид Данинг од Универзитетот Корнел открило дека постои специфичен аспект на човечката психа кој автоматски ја руши гореспомнатата теза, и имплицира дека демократските избори речиси секогаш резултираат со медиокритетско водство и со исти такви идеи.

Данинг и соработниците докажале дека некомпетентните луѓе се инхерентно неспособни адекватно да ја проценат компетенцијата на другите, како и квалитетот на нивните идеи. Тие едноставно не ги поседуваат менталните капацитети кои се потребни за рационално донесување судови.

„Луѓето тешко прифаќаат многу паметни идеи, затоа што повеќето од нив не се доволно софистицирани за воопшто да препознаат натпросечно вредна идеја", вели Данинг.

Тој и неговиот колега Џастин Кругер многупати демонстрирале како луѓето се само-залажуваат кога станува збор за сопствените интелектуални способности. Без оглед дали ја тестирале способноста за проценка на најсмешниот виц, на граматички најисправната реченица или сопственото играње шах - Данинг и Кругер секогаш доаѓале до заклучок дека луѓето своите способности ги карактеризираат како натпросечни, дури и кога се всушност далеку под просекот.

Ваквата неспособност за објективно согледување на сопствените грешки автоматски води кон погрешното оценување и на туѓите постапки, идеи и знаење. Интересно е дека тестираните речиси секогаш можеле да постигнат консензус за најлошите во групата (во некоја активност), но затоа секогаш грешеле кога требало да ги препознаат најдобрите.

Причината за ова е едноставна: ако имате дупки во сопственото знаење во некоја област, вие не сте во позиција да ги перцепирате тие дупки, ни вашите ни оние на другите. Вистинските игноранти се најлоши во проценката на кандидатите и на идеите, но сите страдаме од одредено ниво на политичко слепило, кое произлегува од нашиот недостаток на експертиза. Тоа значи дека постои проблем во самата суштина на концептот на демократија, кој им овозможува подеднакво право на глас и на глупите (мнозинството) и на помалку глупите.

Мато Нејгел, социолог од Германија, неодамна направил компјутерска симулација на Данинговата теорија, со конструирање математички модел на демократски избори. Пошол од тезата дека лидерските вештини на сите бирачи се статистички распоредени на следниов начин - некои се многу добри, некои лоши, а повеќето просечни. Ја применил и тезата дека секој гласач е неспособен да признае дека некој друг кандидат поседува подобри одлики на водач. По извршената симулација резултатот бил тоа дека на изборите секогаш победувале оние кандидати чии лидерски способности биле малку над просекот.

Заклучок: демократиите ретко или никогаш не ги бираат најдобрите водачи. Предноста на демократијата во однос на диктатурата или другите облици на владеење главно е во „спречувањето на потпросечните кандидати да станат водачи". Потенцираме: главно.

2 март 2016 - 17:09