Капиталистички виц врз гробот на Маркс

Гробот на човекот кој се уби објаснувајќи дека приватната сопственост треба да се укине бидејќи е извор на сите општествени зла, денеска е приватна сопственост. И посетата се наплаќа.

"Пролетери иод сите земји, обединете се" стои на надгробната плоча на Карл Маркс на гробиштата Хајгејт, во северен Лондон. Ако работниците го послушаат па решат да се соберат баш тука, кај својот патрон, ќе треба да соберат по 6 долари од човек, колку што чини билет за посета на заграденото гробно место на најголемиот критичар на капитализмот. 

"Не постои толку длабока иронија или толку лош вкус во кој капиталистите не би загазиле ако на тој начин можат да заработат некоја пара", пишува во Вол Стрит Журнал еден млад марксист кој бил на аџилак на гробот на Маркс.

Не сакал да плати па го гледал вечниот дом на својот херој преку оградата. А тоа ни од далеку не е најрадикалниот потег што се има случено таму. Гробот на Маркс досега во два наврата бил мета за дигање во воздух со експлозив.

Управата на гробиштата своевремено продавала и шољи со ликот на Маркс а лош вкус покажаа и кога го изнајмија местото на кое почива Маркс на една италијанска модна компанија за фотосесија со разголени манекенки облечени по маички со кирилични написи и комунистички симболи.

Тие се правдаат дека одржувањето на гробот има свои трошоци а иронично звучи нивното повикување на самиот Маркс дека сечиј труд треба да биде соодветно награден. Потсетуваат дека и самиот Маркс не бил баш сиромашен човек за што сведочи и тоа што одбрал да биде погребан на приватни а не на државни гробишта.

Доколку билетот од 6 долари го направи гробот на Маркс осамено место, да не го мислите човекот, има таму тој добро друштво. На истите гробишта се погребани Даглас Адамс (Автостоперски водич), Малколм Мекларен (Секс Пистолс), социологот Херберт Спенсер и брилијантниот криминален ум Адам Ворт кој е модел за ликот на професор Мориарти кај Шерлок Холмс.

10 ноември 2015 - 12:46