ИКЕА почна да изнајмува мебел

Нешто како мобилен на договор, со тоа што по истекот на одредено време постојниот мебел што неколку години си го јавал по дома, го заменуваш за друг.

Без разлика дали целиот план ќе ти личи како лизинг, членарина или рати со чекови, крајниот резултат е ист нов мебел после одреден период.

Мотивот на ИКЕА се навиките на младите муштерии кои за разлика од минатите генерации не се чувствуваат доживотно осудени на една гарнитура или парче мебел, туку за многу пократок рок менуваат што им се бендисува и со што би сакале да бидат опкружени дома. Бонус на сето ова е помалку отпад на депониите, затоа што никому не му останува мебел за фрлање.

Решението со претплата што го замислува ИКЕА не предвидува постојано добивање ново парче мебел, туку тој што е пуштен во употреба да се ротира меѓу претплатниците на одреден рок, и да биде искористен колку може повеќе пати пред да го испратат за рециклирање.

Системот веќе се тестира во Холандија, Шведска, Швајцарија и Полска, а до следната година би требало да се прошири на 30 пазари.

4 април 2019 - 15:45