Дојде до остварување на средба

Судбина е она што може да проба да ги раздвои Ромео и Јулија или пак да спои, барем на кратко, луди комбинации од типот Никита Хрушчов - Мерилин Монро и Стив Џобс - Енди Ворхол. Орсон Велс седел до Адолф Хилер ама слабо се сеќава на него.

НИКИТА ХРУШЧОВ И МЕРИЛИН МОНРО

Средбата се случува во септември 1959-та година, за време на американската турнеја на Хрушчов, кога ги посетил студија на 20th Century Fox. Натали Вуд која одлично говорела руски, ја научила Мерилин да ја каже следнава реченица: "Ние, вработените во Студиото сме среќни што го посетивте нашето место и нашата држава". Подоцна Мерилин се пожалила дека Хрушчов пресилно ја стиснал за рака небаре ќе и ја крши, дека бил грд и дека е убаво што не морала да се бакне со него.

СЕМЈУЕЛ БЕКЕТ И ЏИНОТ АНДРЕ

Откако ја објавил  "Чекајќи го Годо," Бекет купил земјиште 70 километри северно од Париз. На него изградил дрвена куќа со помош на локалните селани, меѓу кои и бугарскиот земјоделец Борис Русимов. Станале пријатели а синот на Русимов, Андре, веќе покажувал симптоми на андромегалија и на 12 години бил огромен за својата возраст. Не го собирало ни во училишниот автобус ниту во автомобилот на Русимови па Бекет честопати го превезувал во својот пик-ап. Најчесто зборувале за крикет.

БИТЛСИ И ЕЛВИС ПРИСЛИ

Англичаните го посетиле Кралот во 1965-та, во неговиот дом во Бел-ер. Таму првпат во животот виделе далечински управувач за телевизор. По некое време Елвис им рекол: "Ако само седите тука и зјапате во мене, ќе одам да спијам". Подоцна некој извадил гитара и почнале да џемуваат. Зборувале и за заедничкиот идол Питер Селерс и неговиот филм Doctor Strangelove. Подоцна Елвис им се има наругано на Битлси, особено на Ленон кој му личел на Енгелберг Хампердинк (стариот годинава ќе ја претставува Велика Британија на Евровизија).

ЕЛВИС ПРИСЛИ И РИЧАРД НИКСОН

Кон крајот на 60-тите, Елвис започнува хоби кое прераснува во опсесија - собирање почесни медали. Неговиот Свет грал била значка од Федералното биро за наркотици па во 1970-та година завршува со Никсон во Овалната соба. Во таа прилика, Елвис лупал за неговата желба да помогне во "борбата против дрогите и хипи елементите".  И пак ги закачил Битлси за кои тврдел дека промовираат анти- американско расположение.

ОРСОН ВЕЛС И АДОЛФ ХИТЛЕР

Влес како тинејџер учел во Австрија и Германија. Во една прилика се запознал со некој учител кој бил симпатизер на нацистите. Во тоа време, тие во јавноста биле перцепирани како група шарлатани на кои никој не им придавал особена важност. Отишле на некоја нивна средба а Велс седнал до Адолф Хитлер. "Немаше никаква персоналност, не ми остави никаков впечаток и едвај памтам било што во врска со него ", изјави Велс за време на интервју со Дик Кавет.

СТИВ ЏОБС и ЕНДИ ВОРХОЛ

Октомври, 1984-та година, 29 годишниот Стив Џобс доаѓа на роденденска забава на 9 годишниот Шон Ленон (син на Џон Ленон и Јоко Оно). За подарок носи Мекинтош, промовиран таа година и почнува да го учи малиот како се користи MacPaint. "Може ли да пробам и јас?" прашал Ворхол и фатил да го врти маусот во воздух.  "Знам дека постоеше некој дечко кој честопати ми праќаше пораки дека сака да ми подари едно такво (Мекинтош), но, јас никогаш не му се јавив," се сеќаваше подоцна Ворхол.