Дали после атомска може да се пие пиво?

Пука атомска бомба во комшиско маало (нека му умре јадрото на комшијата), некако преживуваш, ама, нема вода! А гранапчето полно со пива и разноразни пијачки. Смееш ли да се напиеш или сето тоа е радиоактивно? Нема простор за празни нагаѓања, постои официјална студија за тоа, сосе нуклеарни тестови.

"Ефектите на нуклеарна експлозија врз комерцијално пакуваните пијачки" е насловот на студија на американската Влада од 1957-ма година која го адресира вистинското прашање:

"После атомска, смеам ли да пијам пиво?"

Краткиот одговор е: Да!

Пивото и останатите пијачки во срча или лименка можат да послужат како сосема добра замена при недостаток на вода во опустошените краишта. Амабалажата е троа радиоактивна но содржината е сосема ок и не може да наштети на краток рок.

Како тие тоа го знаат?

На полигон во Невада, на два пати рокнале атомки (со еквивалент од 20 односно 30 килотони ТНТ), со пивски шишиња распоредени на различни места и оддалеченост, некои закопани, некои на ачик.

Најблиските се наоѓале на 321 метар од местото на експлозијата. Кај нив била детектирана радиоактивност, но умерена.

Вкусот - не баш.

"Тестирањето на пијачките непосредно по екслозијата (кој ли среќник го правел тоа?), покажа промени во нивниот вкус иако тие сè уште го задржуваат својот првичен вкус. Пијачките на најударните места тешко можат да се пијат," се наведува во студијата.

Бидејќи сега сите знаат дека во гранапчето е спасот, можно е кога вие ќе стигнете таму, пивата веќе да се раздигани па најпаметно е да се држат залихи пива во подрум и други соодветни простории.

20 септември 2012 - 08:59