Црвенкапа укината заради ширење сексизам

Државно училиште во Барселона прави чистка во својата библиотека на книги кои „континуирано повторуваат токсични родови стереотипи“. На пример книги како Црвенкапа.

По оваа основа од библиотеката за деца се отстранети 200 детски книги, а било заклучено дека само 10% од вкупниот фонд книги „се напишани од родова перспектива“. 30% од приказните биле токсични, а 60% имале помалку сериозни проблеми.

Освен Црвенкапа од каталогот книги е тргната и Заспаната убавица. Од комисијата што ја проверува родовата подобност на книгите објаснуваат дека не се таргетираат конкретни приказни туку „поширокиот проблем со сексизмот, кој излегува од рамките на бајките“.

Пример објаснувањето за исклучувањето на детската книга за Свети Ѓорѓија, е дека во нејзе тој како маж е претставен како храбар херој што убива змејови, додека женскиот лик е исплашена принцеза.

Како што објаснуваат од училиштето „најголем проблем е поврзувањето на машкоста со вредности како компетитивност и храброст“.

Откако завршија со претшколска возраст, комисијата ќе се зафати со чешлање на книгите за основци.

12 април 2019 - 13:25