Може ли бре малку тишина?

Џорџ Прочник во Њујорк Тајмс моли за тишина и пишува дека секојдневната бучава на модерното живеење ни го гризе здравјето и ја убива човечката мисла. Кетлин Волдман во Слејт реагира: Дај заќути.

"Голем ум може да има големи мисли само ако со сета своја сила за концентрација успее да ги насочи на едно место, како што конкавното огледало ја собира сета светлина и ја насочува на една точка".

Оваа стара мисла на Артур Шопенхауер е водилка на есејот на Џорџ Прочник во Њујорк Тајмс во кој се моли за малку тишина. Авторот се согласува со познатиот мислител дека бучавата е смртен непријател на човечката мисла, дека таа го разбива "конкавното огледало" и ја разбива формацијата на идеите. 

Дури и Светската здравствена организација порачува дека звучното загадување е сериозен проблем, веднаш зад оној од загадениот воздух. Квантифицирано, Европа годишно губи еден милион здрави животни години заради болести предизвикани од бучавата.

Слушниот апарат е нашиот најстар алармен уред. Како мали и инфериорни цицачи, сме морале да имаме совршен систем за детекција на звуци, за да можеме да ги преживееме големите предатори. Во меѓувреме, по толку милиони години, нашиот однос кон природата е комплетно видоизменет, но апаратот си работи по старо.

Кога ќе слушнеме сирена од кола, бор машина на комшија, улично дерење, неочекувано телефонско ѕонење.... нашот мозок тоа умее да го регистрира како дел од нормалниот градски аудио пејсаж но делови од мозокот сè уште се вознемируваат, како да регистрирале предатор тргнат да нè изеде.

"Никој од нас не бара гробна тишина. Бараме само можност да си ги слушнеме мислите," вели тој.

Кетлин Волдман му признава на Прочник дека "умее со зборови" ама е расположена да го задева. Според неа, целата таа слика за осамен мислител кој нешто мисли е премногу машка фора. Таа вели дека познатиот женомрзец Шопенхауер од иста причина ги мразeл и бучавата и жените - што му пречeле да го прави она во што тој уживал.

"Од бучењето на правосмукалката па до бебешкиот плач со кој се справуваме почесто од мажите, нас искуството нè учело да ги надминуваме работите кои не деконцентрираат, а не да кенкаме по некоја тишина за нашиот алфа мозок во која ќе можеме да размислуваме", вели таа во Слејт.