Детски песни како репелент за клошари

Бездомници удриле мерак на едно плоштадче во Флорида на кое се прославуваат свадби и други граѓански настани. После неколку безуспешни обиди да ги дислоцираат од просторт кој им носи приходи, локалните власти почнале од звучници да им пуштаат две детски песнички. На рипит. „Неиздржливи се,“ кука еден клошар. 

Властите од Вест Палм бич во Флорида решиле да преземат драстични аудио мерки против бездомниците кои полека но упорно почнале да окупираат еден јавен павиљон на кој се одржуваат разно-разни настани што ним им носи годишни приходи од 240.000 долари.

Бездомниците го рушеле концептот на јавниот простор а биле наоѓани и нивни „нехигиенски остатоци“.

Две ултра популарни детски песнички се главното оружје во овој Гвантанамо проект на локалните власти. Се пуштаат на рипит и тоа фокусирано, на оние места на кои ќе залегнат клошарите.

Едната песна е Baby Shark, детската музичка сензација од 2016 година која има преку 3 милијарди прегледи на Јутјуб, што ја прави осма најгледана содржина на сите времиња, Втората е Raining Tacos која, како што кажува насловот, се занимава со еден метеоролошки феномен, а има 31 милион прегледи на Јутјуб.

Замислете везден да треба ова да го слушате:

Па може немаат дом ама имаат бре душа!

Некои бездомници веќе го имаат напуштено местото и побарано помирно засолниште, но некои уште се таму.

„Уште лежам тука ама ни пуштаат едно те исто,“ вели еден потврд на уши клошар кој очигледно бавно го конта концептот на властите.

23 август 2019 - 10:53