Поглед од Богота

Зошто нема да ја гледам 3-та сезона на Наркос

Причината зошто новинарката на Ел Спектадор првично одбива да ја гледа серијата на Нетфликс е затоа што како дете израснато во Колумбија таа своето детство го минува следејќи го животот и приказната на Пабло Ескобар секоја вечер, директно, на телевизиските вести. Ама потклекнува под притисок на околината.

Пред да фати да ја гледа Нетфликс верзијата на приказната за нејзиниот сонародник, Каталина Руиз-Наваро решава прво да ја пројде колумбиската серија за него: Escobar - El patrón del mal (Босот на злото). Серијата е правена по колумбиски формат, што значи сапунска опера со вкупно 113 епизоди од по 25 минути, кои никако не пасуваат во моменталниот модел на Нетфликс.

Она што и се допаѓа околу колумбиската верзија е што е "направена за публика која ги живееше 80-те и која лесно може да забележи неправилност. Ел патрон автентично го претставува Ескобар: буцмаст, добар говорник и шармантен маж кој одеднаш може да се претвори во еден од најголемите психопати што Колумбија некогаш го видела." Забелешката и е околу непотребните и срамни мелодрами во серијата, ама некако треба да се пополнат 113 епизоди.

Во текстот за Ел Спектадор, Каталина Руиз-Наваро пишува:

"По месец и нешто гледање Ел патрон, го почнав Наркос. Секако, одлично режиран. Меѓутоа го претставува Ескобар како мачо - со стомачни и сè останато - а актерот што го глуми го нема совладано мекиот 'паиса' акцент на Меделин и околината, кој го прави истовремено да звучи и љубезно и стравотно опасен.

Приказната се движи со вратоломна брзина, експлозии насекаде, херој од американската ДЕА испратен во нашата земја од 'третиот свет', и по неколку епизоди, се навлекуваш на серијата. Меѓутоа кога видов дека серијата го елиминира Гилермо Кано, новинарот што ги прави клучните откритија за Ескобар, и го претвора претседателскиот кандидат Луис Карлос Галан во спореден лик, реков - доста е.

Денес знаеме дека во 1968 американскиот претседател Ричард Никсон ја измисли неговата 'војна против дрогата' за да може да затвора црнци и хипици и да го поткопува влијанието на групи кои се противеа на Виетнамската војна. Ова беше профитабилен бизнис затоа што ги неутрализираше неговите непријатели и му помагаше на САД да продава оружје кое дополнително ги ширеше конфликтите во земјите каде што се произведуваше дрога. ДЕА ништо не направи за нас. Војната против дрогата е профитабилен проект кој и денес продолжува да опстојува на континентот.

Сепак, Наркос ги покажува Американците како наши спасители. Истите Американци кои ја измислија оваа војна и сега создадоа серија со многу малку внимание за историјата. Тие потоа се забавуваа себе си гледајќи ги Колумбијците како се убиваат меѓу себе и, полошо, заработуваа од тоа.

Наркос секако е добра серија стриктно во естетска смисла: брзо темпо, одлични глумци и сите телевизиски работи што Американците толку добро ги прават. Меѓутоа во етичка смисла, ме вознемирува бидејќи е директна негација на нашите херои и хероињи, и претставата дека луѓето се забавувале и јаделе чипс додека го гледале сето тоа насилство. Никој не вели дека не треба да има фиктивна серија за Ескобар. Меѓутоа навистина е малку прерано да правиш бизнисот со наркотици да изгледа модерен (додека го исклучуваш историскиот контекст) и да го величаш човекот кој е индиректно виновен за смртта на милиони луѓе. Семејствата на жртвите се уште се во тага."

15 септември 2017 - 12:02