Се претера со анти-комедијата

Ако изминативе години живеевме во фаза во која не можеш да имаш стенд-ап без тој да биде „политички или општествено ангажиран“, за сега полека да преминуваме во фаза кога комедијата се исклучува од стенд-ап комедијата и остануваат само активистички и „ангажирани“ проповеди. И тоа веќе не се трпи, барем ако ти е до смеење.

Деновиве Мајкл Че, еден од главните автори на СНЛ и ко-водител на еден сегмент во шоуто, отворено се побуни против анти-комедијата и правецот во кој тера стенд-ап комедијата посебно под масовниот притисок од политичката коректност.

Тој конкретно зборува за Нетфликс стенд-апот „Нанет“, во кој Хана Гадсби се откажува од шеги и вицови и зборува за своето искуство како квир жена и детално опишува како била силувана и сексуално нападната. Че објаснува дека не е проблемот во приказната на Гадсби, туку што таа се води и продава како стенд-ап.

„Знам дека секогаш сум зборел дека комичарите никогаш не треба отворено да серат на комедијата, ама што ќе правиме со целата оваа анти-комедија комедија што сите овие одликаши ја вадат периодов? Што се случува? Еден или два, ок... ама сега ги има три! и почнува да станува ебано благо непријатно. Нетфликс што ти е? Стави ги луѓето во друга секција, крсти ја стенд-ап трагедија.

Некои критичари сметаат дека шеги на тема силување не се смешни. Ама знаеш што ДЕФИНИТИВНО не е смешно? Стории за силување. Чисти, до последен детал раскажани, стории за силување. Не знам за вас, ама мене тоа еднаш ме нема насмеано,“ пишува Че на својата инста-приказна.

На коментарот дека „комедија = трагедија + време“, Че објаснува дека и покрај тоа „сепак ти треба поента, не можеш да излезеш на сцена и да кажеш само ’Холокауст. Довидување’.“

25 јули 2018 - 10:52