Дали претседателската дебатата се одржала ако луѓе не ја гледале?

Првото полувреме од втората дебатата на претседателските кандидати на Демократите (заради бројот на кандидати поделени се во два дена) одржана на Си-ен-ен бележи понорен пад на гледаноста од 40% во споредба со онаа во јуни.

Натегањето меѓу првите 10 кандидати на демократите го изгледале 8,69 милиони гледачи.

Првата ноќ од дебатата што се одржа на 26 јуни беше изгледана од 15,26 милиони гледачи. Плусот на јунската епизода делумно доаѓа и од тоа што таа беше емитувана на три мрежи - Ен-би-си, МСНБЦ и Телемундо.

Дебатата траеше 2 часа, плус 25 минути одделени за презентација на кандидатите и правилата на дебатата.

Си-ен-ен најголема публика за прв круг на демократски дебати има во октомври 2015. Првата дебата на тогашните претседателски кандидати на демократите (која броеше само 5 кандидати) беше изгледана од 15,46 милиони луѓе. Во 2015 слично како и пред некој ден втората дебата имаше сериозен пад на гледаноста.

Моментално рекордот за најгледана прва партиска претседателска дебата го држат Републиканците генерација 2016 (Доналд Трамп, Џеб Буш, Скот Вокер, Мајк Хакаби, Бен Карсон, Тед Круз, Марко Рубио, Ранд Пол, Крис Кристи и Џон Касич), кои на 6 август 2015 собраа 24 милиони гледачи.

Според извори на Варајети, Си-ен-ен за последната дебата од сите потенцијални спонзори побарал прво да ветат по 300.000 долари закуп на маркетинг на телевизиската мрежа во други термини, за да добијат свој слот за време на самата дебата. 30 секунди реклама за време на двете дебати Си-ен-ен ја наплаќал по 110.000 долари. Во регуларни денови, во прајмтајм програмите, цената на реклама од 30 секунди на Си-ен-ен чини меѓу 7 и 12 илјади долари.