Се пензионираше Конор Мекгрегор

30-годишниот поранешен УФЦ шампион на социјалните медиуми објави дека се пензионира од „спортот порано познат како ’мешани боречки вештини’.

Последната борба на Мекгрегор заврши со пораз од Хабиб Нурмагомедов во октомври 2018. Претходната, егзибициона борба, за стотици милиони долари, Мекгрегор исто така ја изгуби, само тогаш поразот беше од непоразениот шампион во бокс Флојд Мејведер.

Мекгрегор своето деби во ММА борбите го има во 2007. Со тек на време станува најпрепознатливиот лик на УФЦ, и негова главна ѕвезда. Ваквиот статус редовно беше засилуван со победи во октагонот.

Најголемата светска слава, а и пари, Мекгрегор ги доби во борбата против Мејведер, од што се проценува дека Ирецот заработи околу 30 милиони долари. Мејведер заработи најмалку 3 пати повеќе од него од истата борба.

Последната УФЦ борба на Мекгрегор против Хабиб многу повеќе се расчу заради тоа што Хабиб го направи по борбата, отколку за тоа што успеа да го приклешти Ирецот во четврта рунда и да го натера да ја предаде борбата.

Во денешната објава, Мекгрегор не објасни зошто решил да се пензионира.

Само неколку часа пред објавата Мекгрегор беше на шоуто на Џими Фалон каде што зборуваше како едвај чека повторно да се бори, но и за тоа дека повеќе нема потреба да се бори.

„Јас сум обезбеден за цел живот, моето семејство е обезбедено за цел живот,“ изјави Мекгрегор кај Фалон.

Претседателот на УФЦ, Дана Вајт, објави дека „е сосема логично“ што 30-годишникот сега се пензионира, имајќи предвид колку успех има во другите спортови.

26 март 2019 - 09:37