Свештениците што страдаат од духовен Алцхајмер

На годишното собрание на Куријата (највисоките кардинали, епископи и свештеници задолжени за бирократијата на Ватикан), на кое обично сите овие си разменуваат божиќни честитки, папата Францис дојде со список од 15 точки со духовните болести на раководството на Ватикан.

"Не е перфектна аналогија, ама понеделничката божиќна честитка беше еквивалент на ЦЕО кој до своите директори кои се подготвуваат за божиќниот одмор да испрати речито составена листа на се што е погрешно со компанијата," пишува во веста од Вашингтон пост.

Листата на болести на Куријата содржела "духовен Алцхајмер," "духовно скаменување (петрификација)," чувство на станува "бесмртен" и "лице за погреб," концепт кој Францис прв пат го споменува минатиот месец кога зборува дека за Божиќ треба да се подготвиш со "радост," а не со измаченост и анксиозност. Тој исто така го осудил озборувањето како форма на "сатански атентат." Целиот список го има на сајтот на Ватикан.

Извадоци од списокот пренесува и Ватикан Инсајдер на Ла Стампа:

Болеста на чувствување "бесмртни" и "неопходни"
"Курија која не практикува самокритика, не е во тек со настаните, не се обидува да се подобри себеси, е немоќно тело." Папата на овие им порачува дека посета на гробиштата може да им помогне да ги видат имињата на многумина кои "можеби мислеле дека се бесмртни, исклучок и неопходни." По него, ова е болест на оние кои "се претвораат во господари и се чувствуваат супериорни кон сите, наместо да им служат на сите. Ова често е последица на патологијата на моќта, комплекс на месија и нарцизам."

Болеста на претерана активност
Тука папата ги потсетува дека Исус "ги повикал своите следбеници малку да одмораат, бидејќи занемарувањето на неопходниот одмор доведува до стрес и немир."

Болеста на ментална и духовна петрификација
Ова е болест на оние кои "го губат својот внатрешен мир, својата ведрина и смелост, за да се кријат зад хартии и да станат 'машини на процедурите' наместо луѓе на Господ, неспособни да липаат со оние кои липаат и да се радуваат со оние кои се радуваат!"

Болеста на претерано планирање
"Кога апостолот планира се до детаљ," и верува дека, преку ова "работите ефективно напредуваат, тој притоа станува сметководител. Доброто планирање е неопходно ама без да се падне во искушение да се ограничи или управува слободата на Светиот дух... секогаш е полесно и поудобно да се повлечеш кон статични или непроменети позиции."

Болеста на лоша координација
Ова е болест на членовите кои "ја губат заедницата меѓу себе, и со тоа Телото ја губи хармоничната функционалност притоа станувајќи оркестар кој создава недисциплинирана бука бидејќи неговите членови не соработуваат и не живеат заеднички и немаат тимски дух."

Болеста на духовен Алцхајмер
Ова е "прогресивно пропаѓање на духовните капацитети што предизвикува сериозни неповолности на луѓето," терајќи ги да живеат во "состојба на апсолутна зависност од нивните, често пати измислени, погледи." Ова можеме да го видиме кај оние кои го имаат "изгубено своето сеќавање" од нивната средба со Бога, во оние кои зависат од своите "пасии, каприци и опсесии."

Болеста на ривалитет и вообразеност
"Кога појавата, бојата на одеждата и почестите стануваат главната цел во животот... Ова е болест која не' тера да станеме лажливи пред мажите и жените, живејќи лажен мистицизам и квиетизам."

Болеста на егзистенцијална шизофренија
Болест на луѓе кои водат "двоен живот, како резултат на хипокризија карактеристична за осредни луѓе и растечка духовна празнина, која не може да биде пополнета од дипломи и академски титули." Често пати сфаќаме дека некои ја "напуштаат духовната служба и ги ограничуваат своите активности на бирократија, губејќи го допирот со реалност и вистинските луѓе."

Болеста на озборувањето и зборењето во празно
"Го зафаќа човека правејќи го 'сејач на раздор' (како Сатаната) и во многу случаи 'ладнокрвен убиец' на репутацијата на своите колеги и браќа. Ова е болест на кукавици, кои немаат храброст да зборуваат отворено и затоа зборуваат зад нечиј грб..."

Болеста на обожување на претпоставените
Ова е болест која ги зафаќа оние кои "ги дворат своите претпоставени," станувајќи жртви на "кариеризам и опортунизам,' и "живејќи ја својата професија мислејќи само на она што мора да го добијат, а не на она што мора да го дадат." Ова исто така може да влијае на претпоставените "кога тие дворат некои од своите соработници со цел да ја добијат нивната понизност, лојалност и психолошка зависност, меѓутоа крајниот резултат може да биде соучество."

Болеста на рамнодушност кон другите
"Кога секој еден мисли само на себе си и ја губи вистинитоста и топлината на човечката врска. Кога поискусните не го нудат своето знаење во служба на помалку искусните колеги. Кога, заради љубомора или подмолност, се радуваме кога гледаме другите како пропаѓаат, наместо да ги искреваме и поттикнуваме."

Болеста на лице за погреб
Луѓе кои се "намуртени и непријатни и мислат дека, за да бидат сериозни, тие мора да покажат меланхоличност и строго лице и да ги третираат другите - посебно оние, кои ги сметаат за инфериорни - со крутост, строгост и ароганција." Во реалноста, според Папата "театарската строгост и стерилниот песимизам, често пати се симптоми на страв и несигурност во самите себе. Апостолот мора да се стреми да биде учтиво, спокојно, ентузијастичко и радосно лице..." Притоа Францис ги повикува луѓето да бидат полни со хумор и само-иронија.

Болеста на трупање (резерви)
"Кога апостолот сака да пополни егзистенцијална празнина во своето срце со трупање материјална сопственост, не затоа што му е потребна, туку за да се чувствува безбеден."

Болеста на затворени кругови
Кога припаѓањето на група (клика) станува поважно отколку припаѓањето на Телото, и, во некои ситуации, поважно од припаѓањето кон самиот Исус. Дури и ако оваа болест се шири со добри намери, со тек на време таа ги поробува своите членови и станува "рак."

Болеста на земски профит и егзибиционизам
"Кога апостолот ќе ја претвори својата служба во моќ, и неговата моќ во производ од кој може да стекне земски профит, или уште повеќе моќ. Ова е болест на оние луѓе кои неумоливо сакаат да ја зголемат својата моќ. За да го постигнат ова, тие може да клеветат, озборуваат и дискредитираат други, дури и во весници и магазини. Природно, тоа е со цел да се покаже и демонстрира сопствената надмоќност кон другите... Болест која тешко го повредува Телото бидејќи ги тера луѓето да ги оправдаат сите средства за исполнување на својата цел, честопати во име на транспареност и правда!"

22 декември 2014 - 18:45