Зошто нормален човек би носел одело на работа?

Прашањето не е наше туку на милијардерот Марк Кјубан, ама веројатно одговорот идентично нè интересира и нас и него.

Пред некое време Кјубан на Твитер потсети на еден свој постар блог-пост во кој пишува „Зошто сум таков хетјер на одела? Не сум хејтер на одела, само никогаш не би можел да замислам добра причина за кој било нормален човек воопшто да носи одело.“

Самиот Кјубан раскажувајќи ги почетоците на својата кариера објаснува дека по завршување колеџ на првите три работни места стандардно носи одело. Истото го продолжува и во компанијата која ја основа на 24 години, МикроСолушнс.

„Само што ме отпуштија од работа и спиев на патос во стан со три спални што го делев со уште пет други момци. Немав ниту плакар, ниту кревет, а сепак имав две одела,“ пишува Кјубан.

Навиката за носење одело не престанува ни во следните седум години, а како што бизнисот расте така тој само обновува и купува нови одела. Во 1990 тој ја продава компанијата и се зарекува дека никогаш повеќе нема да облече одело, што со одредени исклучоци генерално му успева до денес.

Околу праксата и тврдењата дека носењето одело е неопходно во бизнис средина, ставот на 4-милијарди долари вредниот Кјубан е:

„Прво да се разбереме дека ако мислиш дека ти треба одело за да стекнеш самодоверба, тогаш имаш проблем. Во првиот момент кога ќе отвориш уста, сите луѓе што те гледаат и мислат дека имаш одлично одело, ќе заборават на оделото и ќе треба да се справат со човекот што го носи.“

31 декември 2018 - 12:04