Затоа сте сами

Желбата за совршенство е непријател на женскиот род

Дури и во земји како Норвешка, каде владеат одлични услови за напредок во кариерата ако сте жена, повеќето жени удираат во тн. „стаклен плафон" на преминот кон највисоките менаџерски позиции. Што им е проблемот? Сакаат да бидат совршени, а не (само) успешни.

Однадвор, животот на една жена во Норвешка изгледа речиси совршено. Според извештаите на Обединетите Нации, норвешките жени имаат најдобар животен стандард во светот, со бесплатно школување, една година платено породилно отсуство, либерална политика за родителско отсуство и државни јасли и градинки.

Па сепак, Норвежанките чинат само три проценти од врвните бизнис менаџери во земјата. Зошто? Затоа што премногу жени се обидуваат да постигнат совршенство наместо успех, и мислат дека првото е услов за искачување на бизнис скалилото.

Ова покажува дека настрана од јавните политики и времето кое е потребно за промена на бизнис културата доминирана од мажи и на традиционалните семејни модели, за што треба да поминат децении, она што останува како пречка во тн. „еманципирање" на жените е нивниот сопствен перфекционизам, и тесната и нездрава дефиниција за она што претставува успешен живот за една припадничка на „поубавиот пол".

Опсесијата со совршенството е делумна причина зошто толку голем број женски менаџерски траектории завршуваат во средниот раководен ред и удираат во „стаклен плафон". Овој термин, создаден од две колешки вработени во Хјулит-Пакард, Кетрин Лоренс и Маријане Шреибер, ја означува бариерата помеѓу средниот менаџерски тим и врвните раководни позиции, односно најтешкиот период за секој(а) кој(а) претендира да биде лидер. Средниот менаџмент е време на обемно занимавање со вработените, буџетските одговорности, ограничените слободи за правење сопствени избори и период кој пружа малку можности за помош од страна. Тоа се поклопува и со животната фаза кога обично сакате да имате деца (или второ дете) и да изградите дом и семејство. Кој преживее, ќе оди понатаму, вели искуството.

Токму заради сите овие карактеристики на овој период треба да се биде реален, и наместо совршени потези, да се влечат најпрактичните. Тука жените се покажуваат послаби од мажите, затоа што тие ги толкуваат сопствените несовршености како дисквалификаторни за водечки позиции. Голем број жени во Норвешка и низ светот го сфаќаат ова, но сепак недоволно. 70% од новите фирми во Норвешка се раководени од мажи, а 48% жени и само 19% мажи работат во јавниот сектор, што покажува дека жените се посклони да бираат безбедна работа а не приватен сектор кој се проценува како поризичен заради конкуренцијата и подинамичните промени на пазарот. Накратко, жените бегаат од неуспех, и се одлучуваат за полиња каде можат да ја постигнат илузијата за совршенство. Така, не осудувајќи се да згрешат, тие потиснуваат голем дел од нивните потенцијали.

Чаре? Жените треба да олабават.

28 октомври 2014 - 11:05