Јака родова еднаквост, слабо математичарки

Колку подобро една земја стои со родовата еднаквост и поддршка за жените, толку жените во неа помалку бираат професии поврзани со науки и математики. Звучи парадоксално, ама, има логика.

Тоа беше една од поентите која Џордан Питерсон се обидуваше да ѝ ги објасни на новинарката Кети Њумен во фамозното интервју: дека вредноста на родовата еднаквост е во слободата на изборот а не во висината на платите. Па ѝ го наведе примерот на скандинавските земји во кои со родовата еднаквост е отидено најдалеку а во кои жени има слабо меѓу инженерите а многу во медицинските области бидејќи - така избрале.

Податоците од една нова студија ја потврдуваат оваа закономерност која личи на парадокс: во земјите во кои жените се поддржуваат, тие помалку одбираат математика и научни професии.

Во САД, земјата во која образованите мажи гордо се сметаат за „машки феминистки“ а жените се охрабруваат дека можат да бидат сè што ќе посакаат, само 18% од дипломираните на компјутерско- научни катедри се женски.

Од друга страна, во Алжир, жените прават 41% од дипломираните во групацијата СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика).

Овој расчекор, сугерира студијата, можеби има врска со фактот дека во земјите со изразена нееднаквост, жените го бираат најчистиот пат кон финансиска независност а тој ги води преку СТЕМ професиите. 

Државите кои се на врвот на светскиот индекс за родова еднаквост се добростоечки земји со развиени системи на социјална сигурност и подршка па жените бираат професии во кои најмногу уживаат и во кои се чувствуваат најдобри.

Од друга страна, сиротињата го нема тоа чувство и за нив СТЕМ професиите нудат посигурна финансиска иднина отколку сликањето и пишувањето поезија.

20 февруари 2018 - 10:11