Австрија ќе плаќа отштета заради полова дискриминација врз маж

Суд во Австрија одлучи дека вработен во министерството за транспорт бил дискриминиран на полова основа кога позицијата за која аплицирал и била дадена на жена.

Во 2011, тогашната австриска министерка за транспорт решава да спои два департмани од своето министерство во еден, при што треба да назначи и нов раководител. За позицијата се пријавуваат три кандидати и сите се оценети како „високо-квалификувани“.

На крај Урсула Зехнер е избрана на позицијата пред двајцата машки кандидати. По ова, еден од кандидатите,  Петер Францмаер, чија апликација е оценета 0,25% повисоко отколку апликацијата на Зехнер, го тужи министерството за полова дискриминација.

Во понеделникот австрискиот суд реши во корист на Францмаер, и нареди државата да му исплати 317.368 евра, разликата меѓу сегашната плата на Францмаер и потенцијалната што би ја имал на повисоката позиција, плус отштета и камата.

АФП пренесувајќи ја пресудата, пишува дека судот открил „видлив шаблон, според кој Зехнер уште од почетокот била фаворизирана пред останатите кандидати.“

Во соопштение за јавноста поранешната министерка, а сега втор претседател на австрискиот парламент, изјавува дека назначувањето на раководител било извршено во согласност со законот, но признава дека „големата незастапеност на жените (на раководни позиции) одиграла улога во носењето на одлуката.“

21 март 2018 - 13:11