Американски државни службеници бараат донации

„Јас сум Томислав Тунтев, државен службеник, ве молам дајте некој денар за да се избутка месецов“. Вакви и слични апели ќе читавме да беа вработени во американската федерална влада која по наредба на Трамп од декември е на принуден и неплатен одмор. За жал, немаме ние среќа да гледаме таков сеир.  

Околу 1.000 кампањи за собирање доброволни донации се покренати од американски службеници во федералната влада кои по уредба од Трамп, од 22 декември 2018 година се без плата.

Резултатите им се тенки. Кумулативно собрале околу 100.000 долари или 100 долари по човек. А бараат различни суми, од две, три, пет илјади долари, во зависност од тоа колку им треба за да платат рата за станот или колата, да се прехранат или да добијат некоја здравствена услуга.

Со уредбата на американскиот претседател се афектирани околу 800.000 државни службеници кои до даљнег се на принуден и неплатен одмор.

„Ова ми е жива срамота ама немам друго чаре,“ вели еден од службениците кои очекува добри луѓе да му уплатат некоја сума за да може да го преживее периодов.

Оставаат слики од своите бебиња, жени, со надеж дека ќе разбудат нечија емпатија. Во меѓувреме, GoFundMe има станато ад-хок социјална мрежа за само-помош на Американците. Ако на Инстаграм ги живеат своите замислени фантастични животи, на GoFundMe е суровата американска реалност; илјадници луѓе кои бараат финансиска помош за основни животни потреби.

А за иронијата да биде комплетна, за разлика од слабиот одзив на апелите за помош на државните службеници, кампањата „Ние, народот ќе го платиме Ѕидот“ (со Мексико) досега има собрано 20 милиони долари од 330.000 поединечни донатори.  

11 јануари 2019 - 18:46