Точно е за она за клинот, само сменете клин

Научна студија сугерира дека марихуаната го штити џигерот од злоупотребите на алкохол. Да. Гледате како тоа некој „горе“ фино го смисил. А потоа луцидниот народен гениј кој има отворени чакри кон вишите сфери, тоа умешно го преточил во препораката „лута трава на лута рана“. А дел од вас упорно верува дека ќе бидете во божја милост ако - не мрсите во петок.

Врз основа на отпусните листи на 320.000 пациенти, истражувачи од Институт во Квебек утврдиле дека љубители на алкохол кои истовремено и пушат трева, имаат значително помали шанси да заболат од болести на црниот дроб како што се цироза, хепатитис, стеатоза па и хепатоцелуларен карцином.

"Откривме дека луѓето кои систематски користат канабис всушност се многу повеќе заштитени од заболувања на црниот дроб предизвикани од алкохол“, вели Теренс Буконг, хепатолог и водач на истражувањето.

Анамнезите на оваа армија пациенти покажуваат дека оние кои злоупотребуваат алкохол а не дуваат имаат 90% шанси да развијат некоја болештина на џигерот. Кај оние кои пијат озбилно а пафкаат спортски шансите се околу 8% а кај оние кои се тешкаши по двете линии, тој ризик паѓа на само 1,36%.

Ова е популациона студија која утврдува само корелации а не и каузалноста па не ја сметајте како сигнал за старт на вашиот „Fear and Loathing“. Сепак, нејзините наоди коинцидираат со друга студија од последниот октомври која открила „најниско присуство (овојпат на не-алкохолни заболувања од замастена јетра) имаат тешките корисници на марихуана“. Таа студија утврдила и дека иако корисниците на марихуана се хранат понездраво од непушачите  - конзумираат повеќе калории, газирани пијачки и алкохол - имааат помали шанси да се дебели.

Она за што нуката сè уште нема прецизен одговор во врска со марихуаната се оптималните терапевтски размери на нејзините два клучни елемента - ТХЦ и ЦДБ. Но, потрагата по тој оптимум ентузијастички продолжува....

6 март 2018 - 11:34