Колку може да е тешко да шверцаш дрога, а да не удриш во полиција?

Веројатно има и поглупи начини да те уапсат со дрога, ама не и со над 270 килограми дрога (во вредност од 140 милиони долари).

Целата пратка е откриена кога возачот на комбето товарено со дрога на својата рута минува пред полициска станица во Сиднеј, што не е пресудно лошо само во случај да не се удриш во една од паркираните полициски коли. Е па, овој се удира.

28-годишниот возач бега сосе комбето од местото на судирот, но е фатен од полицијата еден час подоцна. При проверката на комбето во него се откриени 273 килограми метамфетамин спакуван во кутии за селење.

Во станица возачот е обвинет за шверц на големо количество дрога, невнимателно возење и одбивање соработка со полицијата (не им дал лични податоци).

Сега тој ќе има време во притвор да размисли за своите животни и превозни одлуки, откако не му беше дозволено да излезе со кауција. Полицијата до сега нема објавено никакво објаснување од возачот, како се случила сообраќајката и како не ја видел паркираната полициска кола.

25 јули 2019 - 11:44