Како да пиете за Нова Година а да не бидете "оној кој се уби"

Првиот и најдобар совет гласи: не пијте. А откако овој совет ќе наиде на масовна граѓанска непослушност, да видиме што е second best. Спојлер: не, не постои лек за мамурлук. Да не беше таа (праведна) казна која ни ја приредува мамурлукот, што ќе не спречуваше да се тркаламе секој ден?

Што се случува кога пиете алкохол?

Алкохолот главно се апсорбира од тенките црева од кадешто вени го носат во црниот дроб каде го чекаат ензими да го метаболизираат. Нивото на алкохол во крвта зависи од надворешни фактори (тип на алкохол, брзина на пиење, присутно количество храна) но и од генетски фактори односно предиспозиции.

Не брзајте

Пиењето во тек на долга забава треба да биде тест на истрајност. Буквално се контаминираш себеси со часови, и гледаш колку можеш да издржиш. Тоа е маратон, а не спринт. Најважно е да си го слушаш телото. Ако ти вели „Доста ти е" навистина треба да запреш. Mожеби телото ти испраќа порака: „Дај ми уште 15 минути, сè уште работам на последната пијачка". Дај му 15 минути, ебате, нема да избега забавата. Ако не му дадеш 15 минути, можеш да си ја скратиш журката за неколку часови, бидејќи ќе се претвориш во неупотребливо парче мебел.

Максимум волумен, минимум влијание

ABV (алкохол по волумен) е критичната мерка. Колку пониска бројка, толку подобро. Да потсетиме: ова е маратон. Пиењето вино или пиво може да биде пријатен џогинг кое поверојатно ќе те донесе до финишот. Пиењето ракија (вообичаено 40% а кај домашните "мијаносатодкавадарци" ракии и преку 50 степени) е како да затрчаш непотребен спринт среде маратон. Ќе се испукаш бргу и најверојатно нема ни да дојдеш до целта ако бргу не дигнеш рачна. Неколку години пред смртта, еден од најлегендарните алкоси на сите времиња, Чарлс Буковски, прашан за што се кае во животот, одговори: "Требаше да пијам повеќе вино а помалку жестоко". 

Се разбира, ракијата е боговска љубовничка на доброто мезе. Затоа:

Јадете!

Ова е апсолутно суштинско. Пиењето на празен стомак е рецепт за катастрофа. Паѓање во несвест, труење, секакви срања. Ова е грешка на почетници, никогаш не го правете тоа. Под јадење не се сметаат чипсови и грицки, туку реални оброци. Алкохолот и сложените јагленхидрати се апсорбираат во исто место. Затоа, наполнете се уште од појадок, и не запирајте таму. Протеините и мастите подолго се варат, па тешката новогодишна гозба е вистинската суперхрана за овој спорт. Големото количество храна го забавува апсорбирањето на алкохолот, но и заситува, што го забавува и пиењето. Еден мудар чичко од Скопје рече: "Не умрел оној кој пиел туку оној кој не мезел".

Рехидратација

Алкохолот е диуретик, тоа значи дека ги вади течностите од вас. Како што знаат зналците "никогаш не можеш да испиеш колку што можеш да измочаш". Затоа, запамтете: водата ви е пријател. Не зашеќерени пијалоци, не кисела вода. Вода! Пијте барем една чаша вода со секоја алкохолна пијачка. Тешко е, ќе мочате ко грлици, ќе ви дојде да си ставите катетер, ама пробајте. Затоа шприцерот е генијална пијачка. Бидејќи во секоја голтка е содржано упатството за вода со секој алкохол.

Хидратацијата е критична за одржување на соодветна мозочна функција. Колку што повеќе се сушите толку побавно ќе ви работи мозокот и ќе ве боли глава. И да знаете, на алкохолизиран човек буквално му се суши мозокот. Бидејќи сите органи му викаат "дај вода! дај вода!" (а вие во тие моменти најверојатно спиете како клен), тој им дава од течноста која самиот ја има и буквално губи од волумен.

На стартната линија дојдете одморени

Кога сте уморни и пар пива може да ве оборат. Симптомите на умор можат да се манифестираат како слични на оние на пијанство. Додавањето алкохол на равенката само го зголемува ефектот. Генералниот умор доведува до забавена функција на џигерот, па оттаму и до помалку ефикасно процесирање и/или елиминирање на алкохолот. Освен тоа, алкохолот е депресант, што значи дека конзумирањето алкохол кога сте уморни го зголемува нивото на замор, истовремено зголемувајќи ги како под лупа традиционалните ефекти на алкохолот.

Останете кул

Топлината и алкохолот не се добра комбинација. Алкохолот го зголемува крвниот притисок, зголемувајќи го ризикот за хипертермија и срцев удар - особено кај луѓе со и онака висок крвен притисок. Освен тоа, кога ви е топло повеќе се потите и ви треба и повеќе вода за да одржите рамнотежа. Алкохолот, нели, е дуиретик па веќе губите многу течности. Добро, декември е, ама внатре може да биде жешко.

Подобрајзери

Кога мочате секои десет минути тогаш не губите само вода туку и некои значајни прехранбени елементи. За да избегнете болни мамурлаци важно е да земате Б витамин, или во форма на храна или во форма на таблети. Ќе ви требаат и електролити, само внимавајте бидејќи и овие пијачки знаат да содржат шеќер. Некои препорачуваат земање аспирин додека се пие, бидејќи тој наводно ја забавува апсорпцијата. Сепак, и покрај тоа што може да ве одржи подолго трезни оваа комбинација не се препорачува. Исто така не се препорачува кафе додека се пие, бидејќи на тој начин вештачки го мамите телото дека му е подобро отколку што навистина му е. Ова може да ве залаже, па да испиете повеќе отколку што можете да поднесете.

Мислете!

Вашиот здрав разум не треба да биде исклучен од целиот процес. Внимавајте да не се повредите себеси или другите (и физички и со тежок збор). Забавувајте се, но гледајте да не се убиете.

31 декември 2014 - 09:22