Басистот на Faith no More лансираше ракија „Јебига“

Моторхед, Бекам и Дрејк имаат свое виски, Вили Нелсон продава свој бурбон, Џорџ Клуни текила, Мерилин Менсон нуди свој апсинт кој се вика Мансинт,  Бил Мареј инвестираше во словенечка вотка ама басистот на Faith No Morе реши комплетно да побалканчи па ја понуди својата шливка препеченица со етикета како посмртница. Малнар и бандата таквата ракија ја викаа Мирогојчек (по тамошните гробишта), во Скопје би се викала Бутелка. Јебига.

Били Гулд е голем фан на Балканот и чест гостин на неговите простори па неговата љубов дестилираше во логичен производ. На честите патувања по Србија наидувал на одлични локални ракии од слива кои потоа не успевал да ги најде па затоа решил да создаде своја. Се вика „Yebiga“ (како поинаку?) и се продава под традиционалниот слоган „Баба знае најдобро“.

Етикетата има дизајн на читуља а утопискиот идеал на Гулд е „Обединување на Балканот, голтка по голтка.“.

Здружен е со дестилерија од Србија, ракијата велат дека е врвна, има 43 степени, се прави од рачно берена чачанска слива и чиста изворска вода. Влегува во шише по 18 месечно одлежување во дабови буриња. За оние што се палат на рецензентски финеси, ракијата има „изразени ноти на боровина и овошје, лесно тело и долг финиш во кој се чувствува цитрус и ванила“ (јер јебеш шљивка ако не удри на ванила а утредента нежниот цитрус не те потсети каков гипс си се направил вечерта).

„Нема веќе скршени шишиња по куфери, нема веќе чекање бившата да се омажи или дедото да умре, сега секој ден можете да уживате во есенцијата на домашното совршенство,“ порачува новопечениот а препечен ракијаш.

На здравје, јебига.

п.с.И сајтот им лизга

4 август 2019 - 22:24