Забен гел за „ораси да крца“

Кинески научници создале гел со помош на кој забите сами се обновуваат. Направен е од природните градива на забната глеѓ и го поттикнува забот самиот да се пополни без да му треба пломба. Засега резултатите се доста тенки но битно, системот функционира. 

Надворешниот заштитен слој на забот (глеѓ, енамел) се троши од усните киселини, од користење и општо, јадење гурабии. Тоа после прави дупка во забот па треба таа да се пломбира за да се спречи неговото дополнително расипување. 

Бидејќи полнењето се прави од материјали кои не му се природни на забот (метал, порцелан, смоли), спојката не секогаш е идеална и пломбата знае да попушти. 

За да се реши овој проблем, кинески научници работеле со калциум и фосфат, природните елементи од кои е создаден вистинскиот енамел и направиле гел кој го охрабрува забот самиот да се поправи.

Го тестирале гелот на веќе извадени заби оштетени од киселини и ги ставале во контејнери со гел кои ја имитирале усната средина. За само 48 часа почнале да се создаваат кристали од калциум и фосфат, по структура идентични како кристалите во вистинската глеѓ.

Во оваа фаза на развојот на гелот, новиот слој од енамел е дебел само 3 микрометри, што е 400 пати потенко од здрав и неоштетен енамел но авторите велат дека гелот може да биде аплициран многукратно.

Што бургии се изнајадовме џабе.

5 септември 2019 - 16:04