Ок, каде се?

Фермиевиот парадокс се однесува на конфликтот меѓу високата веројатност за постоење на вонземјански цивилизации и недостатокот на докази за контакт со таквите цивилизации.

Енрико Ферми е една од супер-ѕвездите на научниот свет. Тој е архитектот на атомската бомба, еден од луѓето што го започнува истражувањето на радиоактивноста, и добитник на Нобелова награда кој има придонес во квантна механика и теоретска физика.

Неговото име се поврзува и со прочуената „Каде се сите?“ изјава што ја кажува пред група научници кои  дискутираат околу НЛО во лабораторија во Лос Аламос во 1950.

Дилема на Ферми е дека ако се има предвид дека Универзумот е непоимливо голем, и е стар 14 милијарди години, тогаш е незамисливо да не постои друг интелигентен живот во него и тој сето ова време да нема остварено контакт со човештвото. Ок, тогаш, каде се сите?

Можните решенија на Фермиевиот парадокс се делат во три категории:

Прва: Тие се никаде и никогаш. Вонземјани не постојат, и никогаш не постоеле. Ова е сценарио е поверојатно за универзумот како што го замислуваат Аристотел и Птоломеј - мал збир на небесни топки кои вратат околу Земјата. Ваквата позиција ја негираат последните две децении работа на космолозите, кои проценуваат дека постојат околу 500 милијарди милијарди ѕвезди налик сонцето, со 100 милијарди милијарди планети налик Земјата. Заради што ова се смета за еден од најмалку веројатните одговори на парадоксот.

Втора: Има живот во вселената, ама нема интелигенција. Елен Стофан, поранешен главен научник на НАСА, предвидува дека во следните 10 до 30 години ќе најдеме докази за живот на Марс или на некој далечна месечина. Таа под ова подразбира примитивни форми на живот налик микроби или алги, а не подводни градови со крајно напредни живи суштества.

„Ова го трансформира прашањето од ’Каде се сите’ во далеку пософистицирано прашање: Што точно ја спречува бескрајноста од глупи молекули да се соберат и да формираат изобилство на интелигентен живот?“ пишува Дерек Томсон во текстот за Атлантик.

Во корист на овој аргумент тој ги наведува факторите кои придонеле во создавање на човекот: „Прво имаш искра на животот, по што следува создавање на прости клетки, потоа комплексни мулти-клеточни организми, па формирање на органи како мозок. Ако интелигенција налик човековата е ретка, тогаш еден од овие чекори мора да е крајно несовладлив.“

Така на Земјата и покрај тоа што има неколку милиони видови живот, само еден успева да создаде цивилизација „за која знаеме“.

„Релативниот молк на универзумот наведува на тоа дека има некој вид ’Голем филтер’ кој го ограничува создавањето на повеќе интелигентни суштества,“ пишува Томсон.

Еден од пресвртите околу „Големиот Филтер“ е дека дел од научниците веруваат дека тој не се случил во нашето минато, туку тој допрва нè очекува во нашата иднина, „па не дека интелигентниот живот е редок, туку дека тој постои на неколку илјади години пред комплетно да биде избришан од постоење заради непознати причини.“

Трета: Постои изобилство од интелигентен живот - ама е тивок. Ова е т.нр. „зоолошка хипотеза“ во која ние сме неинтелигентните и примитивни, па напредните цивилизации не веруваат дека вреди да се разговара со нас, и не ни сакаат да ни се јават.  Или пак тие имаат некои непријатни претходни искуства со контактирање на примитивни цивилизации заради кои одбиваат да стапат во контакт. Друга можност е дека нашиот соларен систем е сместен на некое забутана место во Универзумот.

За подетално разработување и размислување околу темата клик плеј:

25 јуни 2018 - 13:37