Шазам како музички сеизмограф

Народот и натаму ќе го користи Шазам за идентификување непознати (или: "не ми текнува а ја знам") песни но музичките бизнисмени во апликацијата видоа феноменална прилика да откријат хит пред тој да стане хит.

Шазамот 'слуша' песни од 2002 година. Неговиот креатор на почетокот страхувал дека се наоѓа пред нерешлив проблем бидејќи не постоела технологија која ќе го одвои атмосферскиот звук од оној на песната. Но потоа се случил "out of the box" момент па наместо слушање на целата песна, Ејвери Ванг изработил алгоритам кој служи како аудио печат што помага за ултра кратко време да се добие нејзина идентификација.

12 години подоцна, Шазам е симнат преку 500 милиони пати, може да препознае 30 милиони песни а дневно се прават 20 милиони пребарувања. И точно се знае колку каде што се бара. Оние што од музиката прават бизнис во тоа гледаат одлична прилика за рано детектирање хитови и увид во тоа кои песни почнуваат "да влегуваат во уво."

"Понекогаш можевме да откриеме која песна ќе стане хит неколку месеци пред сите да ја слушнат", вели еден од некогашните главни технoлози во Шазам, Џејсон Титус (сега голема фаца во во Гугл).

Минатата година Шазам понуди интерактивна мапа на светот, поврзана со нивните податоци на која може да се види кои песни најчесто се пребаруваат во различни делови на светот. Своевиден музички сеизмограф кој во реално време покажува мали но можеби значајни поместувања на музичкото тло а на ловците на таленти може да им помогне во наоѓање потенцијални ѕвезди кои сè уште не се врзани со договори.

Шазам е само една од новите алатки кои се користат како водичи по музичкиот шоу бизнис. Концертните промотери се потпираат врз Спотифај за да ги одредат најдобрите градови за турнеите а Пандора се користи за одредување на она што ќе се свири.

Сè е тоа супер за бизнисот, но дали е супер и за музиката? Порано добрите музичари се откриваа со одење по клубови и свирки. Денешните ловци на таленти седат пред компјутер и анализираат податоци.

Види и: Како Ајрон Меиден заработи од пиратите?

19 ноември 2014 - 11:45