албум на денот

Ник Дрејк (1948–1974)

Ник Дрејк е дечко кого го нема веќе 40 години. Тие што најмногу го познавале признавале дека него никој не го познавал. Но, слушнете го, тоа е единствен начин можеби да ви стане многу близок.

Ноември, 1971-ва година, во лондонските канцеларии на издавачката куќа "Island" влегува млад дечко со долга коса. Во раце држи нешто замотано, се пријавува за состанок и седнува да чека. После половина час во кој никој не му се обраќа, решава да си отиде а на рецепција го остава пакетот со порака: "Кажете им дека Ник Дрејк го остави ова кога си одеше".

Дрејк веќе никогаш нема да се врати таму а она што го оставил е матрицата на албумот Pink Moon, тивок а разорен албум составен само од глас и гитара, снимен без ниедно преснимување, од прва, за само една ноќ.

Плочата тогаш проаѓа доста незабележано, како и претходните два негови албума. А толку остава зад себе, вкупно три, создадени за три години, меѓу 1969-та и 1972-ва.

Колку што знаеме, од Ник Дрејк не постои ниеден видео запис, ниеден концертен лог. Неговиот класен раководител од средно училиште го опишува како "момчето кое никој не го познава." Истото за него подоцна го има кажано и легендарниот Џо Бојд кој ги продуцирал неговите први два албуми, а подоцна работел и со Пинк Флојд, РЕМ....

Ник Дрејк умира на 25 ноември 1974-та година, ноќе во својата соба, блиску до собата во која спиеле неговите родители. Веројатно од премногу лекови за неговата депресија. Но, тоа е депресија од медицинска природа, не депресија како чисто курчење на млад и неразбран уметник.

Последните месеци ги минува возејќи се бесцелно со кола по околината на селската семејна куќа во која живеел, додека не останел без бензин па ги викал родителите да го соберат. Или би шетал по брегот, појавувајќи се пред куќа на некој пријател, без да му се јави. Ако го виделе, го поканувале внатре. Влегувал за да слуша музика, некогаш и преспивал па заминувал без збор. Кога не би стабилен, не спиел со денови.

Умира на само 26 години, без да сака потсмевајќи му се на митот за 27-мата, како критична година во која кинат конци славните и напатени музичари. Ник Дрејк ни во тој дел на рок митологијата не успеал да се вклопи. 

Сето ова погoре, заради ова подолу.

Ник Дрејк, PInk Moon:

11 ноември 2014 - 13:57