Морисеј вс. Гардијан

За време на концертот во Лос Анџелес Морисеј на сцена излегува со маичка (без ракави) на која е испишано „Fuck the Guardian“, објавува Гардијан.

Преставувајќи го Морисеј како „поранешен фронтмен на Смитс и симпатизер на крајно десничарската Партија за Британија“, Гардијан потсетува дека пејачот и пред неколку недели го опиша весникот како:

„Гласот на сè што е погрешно и тажно во современа Британија.“

Морисеј периодов му е прилично напнат на Гардијан, па освен овие два инциденти, во мај тој на својот сајт напиша текст во кој тврди дека е жртва на „неуморна кампања на омраза“ од страна на Гардијан, апелирајќи до своите симпатизери „Ве молам не го купувајте овој мизерен весник на омраза, во чиј секој збор во 2019 одекнува починатата Мери Вајтхаус (британска конзервативна активистка).“

Во однос на крајно десничарството на Морисеј, Гардијан потсетува дека тој на настапот кај Џими Фалон пред неколку месеци носи беџ од Партијата за Британија, а својата поддршка ја потврдува и во едно интервју исто така објавено на неговата веб-страна. На почетокот од октомври, Морисеј побара од негов концерт да биде исфрлен еден анти-крајно десничарски демонстрант кој носеше два постера, од кои на едниот беше пречкртано логото на Партијата за Британија.