Концерт во Фортнајт

Ја убија дилемата да се седи дома или да се отиде на некој концерт. Последниов викенд, музичарот Маршмело одржа концерт во моментално најпопуларната видео игра на светот, Фортнајт. Хмм музичар, хмм концерт.

Концерт по дефиниција означува колективен настан на кој се слуша музика, а во зависност од жанрот може и да се цупка, да се шизи, да се креваат раце во вис или да се прави „шутка“.

Ама овој концерт е поинаков. Иако на него се присутни милиони луѓе, никој не ти дише во врат, ниту пак ти пречи да гледаш што се случува на сцена. А ако сценографијата изгледа како од некоја игрица, тоа е затоа што концертот всушност и Е тоа.

Во саботата американскиот електронски продуцент и ди-џеј Маршмело имаше десетминутен онлајн настап во нешто што се опишува како „прв концерт во живо во видео игра“, во рамки на Фортнајт: Бетл Ројал, бесплатна онлајн видео игра објавена во 2017, која има над 200 милиони регистрирани корисници. Иако нејзиното симнување е бесплатно, таа заработува од наплаќање на корисниците за облека и други „производи“ во виртуелна валута која важи внатре играта.

Видео снимката oд настанот, која до сега на јутјуб е погледната повеќе од 11 милиони пати, покажува аватари како се ѕенѕаат на ритамот, додека нивните оружја се привремено онеспособени. Виртуелната локација на концертот е таканаречениот Плезент парк од играта. А музиката е тупса-тупса.

5 февруари 2019 - 10:28