Вашата нова шивачка се вика Гугл

Едно време беа Бурди, бележења со сапунче и шпенадли со топчиња во различни бои. Сега на ред е апликација што една недела ќе собира податоци за вас за на крај да ви го понуди идеалниот дизајн на она што треба да го облечете.

Заедно со една модна куќа од групацијата H&M, Гугл работи на т.н. „дата-фустани“, кои ќе се базираат на индивидуалната дневна активност и животен стил.

Апликацијата користи алатки на Гугл што собираат податоци за локацијата на корисникот, неговите физички активности, времето што го минуваат надвор, метеоролошките услови и слично, па сето тоа го пуштаат низ алгоритам што дизајнира специјално изработена облека за таа индивидуа.

Апликацијата се занимава со сите можни аспекти на дизајнот, од изборот на материјалот па до обликот, бојата, штеповите и деталите, а цените ќе почнувале од 99 долари. 

„За да носите уникатна облека што вам лично ви одговара, досега беше потребно да имате свој личен кројач или пак сами да дизајнирате. А тоа е или скапо или луѓето не знаат да дизајнираат“, вели Александар Субошиќ, коосновач на фирмата партнер со која работи Гугл.

Првите тестирачи ќе ги добијат своите фустани следниот месец.

9 февруари 2017 - 16:06