Дали сте доволно маж да носите шарени чорапи?

Мажите архетипски се ловци, постојано подготвени за предизвик и опасност. Но, бидејќи одамна се припитомени, им останува сосема мал простор да ја покажат оваа органска дивина. Всушност, тој мал простор се сведува на глуждовите на нозете.

Потомците на оние кои некогаш храбро одеа во непознатото да го фатат својот дневен улов денеска главно ги праќаат најмладите колеги од канцеларија да донесат крофна или бурек. Припитомениот мажјак во ова доба нема основни услови да ја покаже дивата страна од себе и да ја потсети околината на својата бунтовна ловечка природа.

Модата отсекогаш знаела да компензира ваква или слична функција. Пред неколку децении, уредната канцелариска армија својот крик против униформноста ја покажуваше масовно облекувајќи се како Индијана Џонс, со панталони со многу џепови, планинарски чевли и сè во тој стил.

Денеска се уште помирни времиња во кои само Casual Friday остава простор за некакво модно опуштање.

И ете, тука упаѓаат чорапите, во силни бои или нападно шарени, кои на доместицираниот мажјак му претставуваат последна модна авантура и јуначки крик против униформноста.

Следачите на ваквите прилики не ги чуди фактот што шарените чорапи особено се популарни меѓу програмерите од Силициската долина. "Јас сум див ловец заробен во тело на здодевен компјутерџија," е потсвесната порака што со нив се испраќа.

Шарените чорапи се генерално подискретни и поумерени од опишаниот Индијана Џонс стил бидејќи пораката ја рефлектираат на помал простор (глуждовите на нозете) и во ограничен број ситуации (кога ќе седне и евентуално прекрсти нозе).

Како да се сака да се каже: "Јас можам да бидам Индијана ама не баш секогаш".

8 ноември 2012 - 19:27