Време е да се закопа „Личноста на годината“ на магазинот Тајм

Делумно по нивна вина, делумно заради публиката, делумно затоа што му е минато времето, некогаш најпрестижниот сегмент на магазинот Тајм во најдобар случај стана комплетно излишен.

Минатогодишната „Личност на годината“, американскиот претседател Доналд Трамп, неодамна објави дека и за годинава „најверојатно“ ќе бил избран за наградата (му се јавиле од магазинот да го чујат), ама одбил затоа што веќе „не ја бивало“. Од Тајм одговорија дека ова е лага („не е точно тоа што го кажува Претседателот“).

„Да се разбереме, вистинската приказна тука не е кој ја кажува вистината. Туку дека, Личност на годината, некогаш помпезното обележје со национално и меѓународно значење, сега е едвај повеќе од шега,“ пишува Томас Винчигера во текстот за Дејли бист.

Наградата прв пат е доделена во 1927, и тоа заради личниот срам на тогашниот уредник на Тајм кој чувствува дека годината магазинот не му посветил доволно простор на Чарлс Линдберг (првиот маж што го има сам го прелетал Атлантикот). Следната година наградата се повторува и со тек на време се претвора во традиција. По првите неколку години талкање, полека почнуваат да се кристализираат критериумите за прогласување на победник, а тоа е дека Личност на годината е тој/таа/тоа „што имал најголемо влијание на вестите во изминатите 12 месеци.“ Притоа комплетно се игнорираат моралните аспекти, па така меѓу добитниците се наоѓа и Адолф Хитлер, кој е прогласен за Личност на 1938-ма.

Забелешката на Винчигера е дека во последните години (и децении), Тајм помалку е заинтересиран за стандардите и критериумите околу добитниците, отколку за привлекување на внимание кон себе. Ова го забележува и Дејвид Грем од Атлантик, кој во 2012, кога за Личност на годината е прогласен Обама, пишува:

„Тајм успева да ги натера сите да ја третираат нивната рециклирана награда како главен новински настан, и така секоја година. Правејќи го ова, тие ги претвораат новинските медиуми во џиновски оддел за односи со јавноста на Тајм инк... Процесот е безгрешно организиран. Прво, имаше една смешна, постојано изигрувана онлајн анкета за номинации. Потоа дојде галамата од вторникот попладнето, вештачки создадена возбуда ширена преку Твитер хаштаг. А денес имаме дузина ’вести’. И тоа не се само од Тајм и нивниот корпоративен брат Си-ен-ен, ниту пак веста е пренесувана од маргинални медиуми: тука ги имаш Си-би-ес, Њујорк тајмс и Еј-би-си, сите вредно работејќи што е можно побрзо да ја објават ’веста’... Кој и да го создал овој план за собирање на бесплатен публицитет од сопствените конкуренти е гениј.“

Како за награда чии добитници се Хитлер, Трамп и планетата Земја, едно од најголемите неверувања беше изборот од 2006-та кога победник беше „Ти“. Магазинот одлучи дека добитници се сите луѓе на светот, затоа што „ти го контролираш информациското доба. Добредојде во твојот свет.“

„Меѓутоа долгорочно гледајќи го Личност на годината, тешко е да замижиш пред прекумерниот број апсурдности и општи промашувања направени само заради создавање возбуда и привлекување внимание...

Кој или што нерелевантност ќе извади уредништвото на Тајм на 6-ти декември останува мистерија до тогаш. Една работа е сигурна: заборавете го Трамп...

... Победникот за 2017 уште не се знае. Сегашната манија околу сексуалните малтретирања може да извадат кого било од Харви Вајнстин до целиот понежен пол. Меѓутоа е поверојатно дека уредништвото ќе се обиде да го надмудри јавното мислење...

... Да ви кажам нешто: на 6-ти декември ајде да ја видиме насловната вест за Личност на годината - и да ја крунисаме како „Никој посебно на годината“. Тајмингот не може да е подобар. Додека викендов се развиваше галамата околу Трамп, Мередит корпорацијата го купи комплетниот Тајм инк. во договор кој се вреднува на 2,8 милијарди долари. Тоа што просечен медиум од Средниот запад токму сега ја проголта некогаш семоќната, некогаш софистицираната комуникациска империја од Источниот брег, е крајно соодветно. Конвенционалната мудрост е дека Тајм е на заминување, и ако неговата сегашна неважност е каква било индикација, тоа може да важи и за Личност на годината,“ пишува Винчигера.

5 декември 2017 - 11:29