Весници кои не умираат

Кога сите (со право) кукаат дека хартиените весници изумираат, една гранка од таа медиумска индустрија се покажува како исклучително жилава: имигрантскиот печат.

Во подрумот на една продавница за изнајмување видеа и пренос на пари во њујоршки Квинс, Калил ур Реман, пакистански имигрант од првата генерација, веќе две децении го објавува весникот под име Урду тајмс. Во неговата канцеларија има два компјутера, факс машина и телефон. Весникот излегува во 100,000 примероци неделно, а може да се најде во девет градови во САД, како и во вид на посебни изданија за Канада и Британија. Во време кога сите ја предвидуваат смртта на печатените медиуми, Урду тајмс е здрав и жив. А и не е осамен.

Само во градот Њујорк има близу стотина етнички весници, со вкупна читателска публика од 2,94 милиони луѓе, речиси една третина од населението во градот. Овој збир на месечници, неделници и дневни весници се дел од поголем екосистем: повеќе од 270 публикации на 36 јазици. Само во последниве две години биле лансирани 21 нови етнички весници. За споредба, бројот на дневни весници во САД опаднал од 1,480 во 2000 на 1,382 во 2011.

Но овие мали изданија, кои често излегуваат од подруми како овој на Реман, опстануваат и тоа без пробем, со оглед на растечката имигрантска популација. Повеќе од 3 милиони од осумте милиони жители на Њујорк се родени во странство - највисок процент имигранти од европскиот наплив од 1930-тите.

Една студија од 2005 под наслов „Етничките медиуми во Америка: џинот скриен пред нашите очи" тврди дека речиси четвртина од американската популација го чита етничкиот печат. Од нив 29 милиони се примарни потрошувачи, заедно со други 22 милиони секударни потрошувачи „кои повеќе ги сакаат менјстрим медиумите, но сепак ги следат и етничките на регуларна основа". Двете последни децении на рапиден пораст на имиграцијата - 13,2 милиони нови имигранти помеѓу 1990 и 2000 и 14 милиони од 2000 до 2010, според бирото за статистика на САД, го имаат зајакнато пазарот за овој тип весници.

Ваквите бројки се привлечни и за оние кои сакаат да се рекламираат, а чија целна група се токму имигрантските заедници. Етничкиот печат го следат луѓе кои често не се онлајн и не секогаш зборуваат англиски. А последниве сочинуваат речиси една четвртина од населението на Њујорк. Тоа понекогаш значи дека еден етнички весник може да прави дури 90% од парите од реклами, кои главно доаѓаат од локалните бизниси.

Ова особено се исплатува ако се земе предвид дека во весникот понекогаш работи само еден човек, а во случајот со Урду Тајмс, 18 луѓе кои се лоцирани во Лахоре, Пакистан. Реман и неговата жена само лекторираат и ги праќаат текстовите кај печатарите. Единствениот постојано вработен во фирмата е маркетинг менаџерот, кој има свое биро во продавницата на првиот кат, над подрумот.

Но успехот на ваквите весници зависи и од тоа која е имигрантската целна група. За Григор Кулијан, кој води романски весник, работите не одат толку сјајно. Заради рецесијата, бројот на Романци во Њујорк драстично опаднал во последниве неколку години. Тоа веднаш се одразило и на рекламите, а и на староста на постоечките лојални читатели. Ако тиражот пред пет години бил 4,000 примероци, сега изнесува 2,000.

Новите технологии кога-тогаш ќе го сменат и сегашниот етнички медиумски пејсаж, иако не се знае точно како. Но засега тие се тука, и изгледа дека ќе продолжат да постојат, слично како што се уште постои радиото и неговата публика.