Рекламирање базирано на тага

По години кога во маркетингот преовладуваат сите можни форми на комедија, одеднаш нешто се случува и истите тие што го превртуваа интернетот барајќи некоја нова реклама за да се здробат од смеење, се фаќаат самите себе како некоја реклама ги оставила сериозно емотивни. Почнува нова ера.

Видеата кои обично се резервирани за апели по природни или човечки катастрофи, почнуваат да се појавуваат како реклами за шампони, интернет провајдери, банки, детергент или путер од кикирики.

"Никогаш претходно во нашата колективна меморија не постоело време во кое рекламите - чија цел е да направат позитивно да се чувствуваш кон брендот и последователно да ти го продадат производот - нè оставиле да ги преживуваме сите можни чувства...

Ако ја гледаш моменталната состојба на медиумите, ќе забележиш дека има се поголема вредност поставена на содржините 'кои значат нешто' - инспиративни приказни кои едноставно мораш да ги видиш...

... Сето ова е дел од еден поголем културолошки тренд: тренд кон реалноста. Жедта за вистински приказни ја промени телевизијата и сега ги формира онлајн содржините што се споделуваат. Луѓето масовно лајкуваат и споделуваат приказни за вистински луѓе што прават работи кои ќе ги расплачат (како на пример девојката што слуша звук за прв пат во животот)," пишува Рае Ен Фера во Фаст Компани.

Според неа, ваквата промена одлично легнува со се поголемото прифаќање на неврологијата и лекциите за моќта на потсвеста од страна на маркетингот. Во исто време брендовите се обидуваат да создадат "содржини" наместо "реклами," што значи трошење на се повеќе енергија на правење приказни кои луѓето ќе сакаат да ги споделуваат.

Трите видеа кои го започнуваат модерното доба на емотивните реклами се:

Dear Sophie (Google Chrome)

Best Job (олимписката ода на Проктер и Гембл)

The Long Wait (John Lewis)

Едно од објаснувањата е дека овој тренд се должи на денешната технологија:

"Мислам дека живееме премногу дигитално вклучени и секогаш поврзани животи, а и покрај тоа сепак некако се чувствуваме исклучени од останатите луѓе. Како човечки суштества, ние бараме вистинска човечка врска, и мислам дека емотивното раскажување помага да се надмине овој гап. Брендовите и агенциите сфатија дека ова е начинот за да се исполни оваа празнина," објаснува главниот креативен директор на агенцијата 180, Вилијам Гелнер.

6 мај 2014 - 15:01