Хаштагот ја убива веста

Иако денес и шуто и рогато користи хаштаг пошто тоа им се гледа згодно и модерно, експерименти покажуваат дека тој ги одвраќа луѓето да ѝ веруваат на вест која е закована со тараба. Бидејќи од одма знаат на каде оди таквата вест па не ги занима да дознаат детали од конкретната приказна.

Хаштагот е широко користена функционална ознака која на луѓето им овозможува да бараат содржини опфатени со зборот или фразата означена со знакот #.

Првично беше популаризирана од Твитер уште во 2009 година но оттогаш се има прелеано и на други платформи, социјални сервиси, маркетиншки пораки и друго. Некако се создаде потреба или навика сè што е политичко или генерално сака да дојде до поголема публика, да биде брендирано со звучен хаштаг кој лесно се памети. 

Масовно го користат и медиуми за да контекстуализираат свои статии, да ги направат полесни за дижестирање и да стигнат до поголема публика на социјалните мрежи. Што би се рекло, „Да се смести една сторија или перспектива во меинстрим информативниот круг“ - Колумбија журнализам ривју.

Салон се заинтересирале колку тоа врши работа па направиле онлајн експеримент со околу 2.000 луѓе на кои им биле понудени содржини споделени на Фејсбук од познати и релевантни медиуми, како НПР или Њујорк Тајмс. Некои со, некои без хаштаг.

Утврдиле дека хаштазите, особено оние кои се набиени со политичка содржина како #МеТоо или #BlackLivesMatter и не се баш најдобри за медиумот и за ангажирање на читателството. Според нивните сознанија, кога во една сторија има вклучено хаштаг, таа на читателите им изгледа помалку важна и помалку се интересираат да дознаат што има ново на таа тема (која под хаштагот ја гледаат насекаде).

Тоа важи и за конзервативните и за либералните читатели, но, уште повеќе кај оние најинтересните, оние кои не се партиски и идеолошки обоени. Ним хаштагот им е особено сомнителен бидејќи ја форсира политичката содржина на штета на информативноста на едно писание.

„Темата #MeToo се има претворено во нешто слично на Кардашијанс. Не можеш да погледнеш вести без да ги видиш тие две работи. Важна е тоа тема ама смачено ми е да ја гледам толку упорно и толку насекаде“, гласи една од типичните поплаки.

6 декември 2019 - 14:34