Фид, Базфид. Њуз, Фејк Њуз

Во четвртокот Базфид ја објави информацијата што сите ја чекаат повеќе од две години: дека адвокатот на Трамп, Мајкл Коен, признал пред американските власти дека добил инструкции од Трамп да лаже на сослушувањето пред Конгресот околу наводната соработка на Трамп со Русите. Еден ден подоцна ова беше демантирано лично од човекот кој раководи со истрагата против Трамп.

Посебна тежина на демантот му дава тоа што ова е прв пат во изминатите 20 месеци Роберт Милер да реагира во врска со каков бил натпис во американските медиуми за неговата истрага.

На демантот на Милер му претходеше и уште еден преседан што американските медиуми не најдоа дополнителни стории околу темата, бидејќи не можеа од сопствени извори да ја потврдат сторијата на Базфид. Дури и Еј-би-си, Си-би-ес, Ен-би-си, кога ја пренесуваат веста нагласуваат дека таа не е потврдена од други извори. (Една од забелешките до трите телевизиски мрежи е што посветиле над 27 минути во своите главни вести на вест која воопшто не е била потврдена.)

Ваквиот развој на волеј беше дочекан од Трамп, кој целата работа ја нарече „резил за нашата држава“, со задоволство дополнувајќи дека „по ова ќе биде потребно многу време за меинстрим медиумите да го повратат својот кредибилитет“. Самата новинарска фела алармираше дека повлекувањето на веста би можела да ја поткопа довербата на Американците во работата на новинарите. Правниот аналитичар на Си-ен-ен, Џефри Тобин, во програма изјави „ова е лош ден за нас, ова ги засилува сите лоши стереотипи околу новинските медиуми“.

Синот на Трамп, Доналд Трамп џуниор, на Твитер напиша:

„Hahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahahaha!“

Сторијата на Базфид се базираше на информации од двајца неименувани членови на федералните власти кои се запознаени со истрагата на Милер. Еден од авторите на сторијата за Си-ен-ен изјави дека тој ги нема разгледано наведените документи, меѓутоа двата негови извори ги разгледале.

Базфид имаа сличен испад во 2017, кога го објавија неверификуваното досие околу кампањата на Трамп составено од поранешниот британски разузнавач Кристофер Стил. Еден од ко-авторите на текстот, Џејсон Леополд, во 2006 за Truthout.org објавува сторија за Карл Ров, високиот советник на тогашниот американски претседател Џорџ Буш, дека наскоро ќе биде обвинет. Ова никогаш не се случува.

 

20 јануари 2019 - 18:09