"Другата страна" не е глупа

Чувството дека само ние и нашите пријатели сме останале нормални е една ехо - комора во која одекнуваат и се засилуваат само сопствените мислења и одеднаш почнуваме да веруваме дека ја познаваме Македонија.

Постои една забавна игра која се игра само меѓу пријатели со бааги доверба меѓу себе. Се вика "Контроверзно мислење" и правилата се едноставни: После играта не продолжува кавгата а додека трае не е дозволено 'да се расправаш' туку само да му поставуваш прашања на пријателот зошто мисли онака како што мисли. А мислењета може да варираат од "Нема полош Бонд од Шон Конери" па до "Шилегов ќе ја спаси Македонија".

Па сепак, дури и во таков круг, реакциите знаат да покажат голема разочараност и да гласат: "Ох, не знаев дека си и ти еден од тие!" или "Те рачунав дека сме од иста."

Во психологијата тоа се вика 'пристрасност на лажниот консензус', пишува Шон Бланда потсетувајќи дека ова често се манифестира кога се соочуваме со ТВ рејтинзи ("Кој го гледа тоа срање?"), сондажи на политичко мислење ("Сите што ги знам се против барокот, од кај сега ова?") или партиски рејтинзи ("Кој нормален уште би гласал за тие?")

На оваа тема своевремено пишувавме дека постојат и хемиски причини за мрзливоста на мозокот, дека нему му треба поголема енергија за да промени мислење (види ја статијата Штедливоста на мозокот и митот за објективноста), но проблемот сепак е повеќе социолошки отколку органски. 

Во онлајн светот, тоа значи дека можеме да бидеме заслепени од мислењата на нашиот круг пријатели и притоа да помислиме дека тоа е некој репрезентативен примерок за цела Македонија (на врло глуп начин така се спука во нога Каракамишева и нејзиниот личен примерок во текстот за отселувањето). Со тек на времето, овој лажен консензус се претвора во верување дека само ние и нашите пријатели сме нормалните а дека другата страна е глупа или заслепена и дека единствено заслужува да се исмејува.

"Ова не е прашање на "политичка коректност". Се работи за фундаментално одбивање да се разгледа можноста дека оние што не се согласуваат со нас можеби се во право", пишува Банда цитирајќи го Фредрик деБоер кој во есејот "Надминувајќи ја коалицијата на кулираните" вели:

Интернетот ги тера луѓето да ја бришат дистинкцијата меѓу нивниот живот, работа, социјалниот и политичкиот живот. "Хеј, оној што твита за серии кои ги сакам мора исто така да е против социјалната неправда исто како и јас" полека се претвора во лажно убедување дека "Можам да познаам кои ми се сојузници според сериите кои ги сакаат".

А она што всушност ни се случува е со истомислениците да правиме една ехо-комора во која одекнуваат и се засилуваат само нашите ставови и мислења. Тоа го засилуваат и медиумите кои бираме да ги сакаме/читаме па се добива една ваква слика за разликата меѓу она што е медиумски присутно и она што е реалноста (во Њујорк Тајмс најспомнувана e Mad Men иако тоа најмалку се гледа, за разлика од NCIS која нема референци ама затоа си грми):

На Фејсбук и Твитер ова се манифестира со масовно споделување содржини кои "ни одговараат" без разлика на нивната врска со вистината. Лажните информации станаа толку масовни што Вашингтон Пост во декември реши да ја укине својата рубрика која ги проверуваше фактите на масовно споделуваните содржини бидејќи на луѓето, просто, веќе не им е битно дали е нешто вистина.