Ако не сакаш „фејк њуз“, плати за вистински

Како и секоја новинарска мака последнава деценија и на оваа корените и се во Гугл и Фејсбук, поточно во нивните деспотски алгоритми кои со една најмала измена можат да те преплават со посетители или целосно да ти ги секнат истите. Од другата страна на шалтерот ова се одразува како нивна способност да изберат кои вести на кои корисници ќе им бидат послужени, а кои ќе бидат тргнати на страна.

Во новинарскиот бизнис реакцијата на ова низ годините е речиси идентична како она што се случи изминатата недела кога Ганет, Базфид и Хафингтон најавија околу 1.000 отпуштања.

Реакцијата кај двете компании кои со години буквално ги пљачкосуваат приходите од реклами на медиумите е да ветат дека во следните 3 години ќе потрошат по 300 милиони долари на новинарство. Сомнежот е дека овие пари ќе бидат расцепкани низ бројни медиуми, и на крај ќе се употребат за продлабочување на употребата на Фејсбук и Гугл производи.

„Ваквите инвестиции се рамни на милосрдие, а милосрдие никогаш не е решение. Она што на медиумските куќи навистина им треба се активни партнери подготвени да ја прифатат идејата дека квалитетно новинарство е клучно за нашето граѓанско општество и дека одговор на лоши информации е повеќе квалитетни информации.

Можеме да почнеме од фактот дека ’бесплатно’ не е добар бизнис модел за квалитетно новинарство. Фејсбук и Гугл одбиваат да платат за вести иако истовремено лиценцираат голем број други видови содржини. Двете компании имаат договори да им плаќаат на музички компании кога нивни авторски песни ќе бидат пуштени на двете платформи. А истовремено агресивно наддаваат за да ги добијат правата за стримување директни преноси од спорт и забавни содржини на Фејсбук и Јутјуб. Овие договори се разнолики и често пати тајни, ама ниту еден од нив не се базира на ’бесплатно’.

Зошто тогаш платформите се толку неволни да им плаќаат на новинските медиуми за пристап до квалитетно новинарство кое и тие и нивните корисници го ценат?“ пишува во Њујорк тајмс претседателот на Асоцијацијата на новински медиуми, Дејвид Чаверн.

Она што тој го бара е двете компании да почнат да инвестираат во квалитетно новинарство и преку своите алгоритми, односно да им дадат поголема видливост и повеќе да шират „извори кои конзистентно објавуваат квалитетни содржини“.

Илустрирајќи ја штетната страна на начинот на кој што до сега работат Фејсбук и Гугл, Чаверн објаснува дека до сега над 1.300 американски општини ги имаат изгубено локалните новински медиуми, што, на пример, е од изразита корист за локални корумпирани политичари.

„Фејсбук и Гугл може да реагираат околу овие ризици да ја прифатат одговорноста и да станат партнери, наместо минорни донатори, на журнализмот. Ти треба да седнат со нас со реален договор за приходи од реклами, податоци за корисници и алгоритми...

... Фејсбук и Гугл постојано зборуваат за тоа како тие го унапредуваат светот. Зошто да не направат нешто вистински добро за сите нас и да го поддржат новинарството наместо да го уништуваат? И ова дури и не мора да е нешто тешко. Има и многу пари и квалитетни содржини. Се што треба е мало просветлување на личните интереси и вистинска посветеност на континуираното постоење на квалитетни вести,“ порачува Чаверн.

5 февруари 2019 - 17:55