Интервју со Која

Капирај и не копирај

30 години од издавањето на првиот албум на Дисциплина кичме, Која е малку збунет од баналноста на денешната музика. Вели: Денес и "Smoke on the water" звучи како алтернативна песна а беше нешто од што панкот побегна.

Кога денес би се подвлекла линија, 30 години од првиот албум, кој би бил билансот на Дисциплина кичме?

Не би подвлекувал линија, но, ок, сигурно е дека опстанокот на трнливиот пат на "високо-радикалната рокенрол група со необичен формат во поп индустријата на најнапредната источно-европска земја" е приличен предизвик за подлабока анализа. Ако се додаде и војната и функционирањето на групата во некогашната колевка на рокенролот, имаме сценарио за книга и филм. Меѓутоа, сценариото е недовршено бидејќи наскоро "влегуваме во студио и снимаме нови материјали," да ја искористам најглупавата фраза.

Да си се родел 100 години порано, со што би се занимавал?

Воопшто не сум импресиониран од овдешната историја, ниту минатото... Овде, кога ќе се види наназад, секогаш е некоја војна, некоја фрка, Белград е трусно подрачје и секогаш нешто тргнува од почеток, а така е богами и сега... Сигурно не би бил турски вазал. Но, не се гледам себе во тој свет.

За што служи денес Дисциплина кичме и што нè подучува?

Служи на она на што служеше и на почетокот - поинакво поимање на рок изразот, а со самото тоа и на опкружувањето на слушателот, во свет кој е доста изменет. Толку изменет што сега и Smoke On The Water звучи како алтернативна песна а беше нешто од што панкот побегна. Во ситуација кога и меинстримот и алтернативата се многу лоши, оваква група како да е премногу апстрактна, особено во земја во која музичка индустрија реално не постои. Меѓутоа, утеха е што групата секогаш била на таква позиција. На оној кој умее и може ова да го слушне, Дисциплина и натаму му е релевантна појава а за сите останати и натаму важи насловот од првиот албум (Свиџа ми се да ти не буде пријатно).

Чуму денеска воопшто музика и кому му е таа потребна?

Рокенролот беша многу популарна работа со бунтовнички карактер, со самото тоа и многу важна и ние сме луѓе кои пораснале со такво сознание, но последните децении, технологијата и индустријата тоа потполно го угушија, претворајќи го тој бунт во ефтина и бесмислена забава. Но, секогаш постоела поделба на оние на кои музиката им значи многу и оние на кои таа им е чиста забава и кои едноставно не можат да апсорбираат потежок звук или пак смислени текстови. 

Денеска повеќе ги има овие другиве, на новите генерации музиката им е само едно од копчињата на мобилниот телефон, ама и мене брате денес телевизијата ми е само една од апликациите на компјутерот, таков е моментот. Рокенролот кај нас, освен за неколку преваранти, никогаш не бил особено исплатлива работа, посебно во споредба со заработките на англиските или американските групи, така што овде борбата само повеќе се продлабочи и се зацврсти. 

Порака за слушталите на новото ДВД?

Капирај и не копирај... Уф.

извор: Белградско Време

17 ноември 2013 - 22:27