Шпанија на раб од гастрономска граѓанска војна

Како што горештините тлеат, а летото не минува, во Шпанија на површина почнуваат да излегуваат некои од најдлабоките линии на поделба на нацијата - краставица во гаспачо, да или не?

Шпанскиот комичар Серџо Фернандез Мелендез (El Monaguillo), пред некој на Твитер пушта анкета со прашање „Гаспачо со краставица или без краставица?“ Му одговараат нешто помалку од 4.000 луѓе, од кои 63% се за додавање краставица во супата.

Проблемот е што краставицата не е по канон и претставува богохулие за пуританците на Андалузија од каде и потекнува познатата супата.

„Краставица во гаспачо е гастрономски тероризам,“ изјавува Дени Гарсија, главниот готвач на ресторан со три Мишелин ѕвезди, инаку по потекло од Андалузија.

На расчистување на темата пишуваат од Ел Паис и шпанскиот Јаху њуз, до Гардијан.

Околу контроверзијата е интервјуирана и Чаро Бариос, претседателката на Академијата на андалузиско гаспачо, која се обидува со крајно либерална пресуда да ги смири тензиите во земјата: „Што сакате ставајте во супата.“ Бариос објаснува дека има толку многу дилеми што не можат ни да стигнат да се објаснуваат за краставицата.

„Краставицата дефинитивно е една од опциите, ама има и други дебати, како на пример дали додаваш леб. Лебот и дава на супата сосема друга текстура и значи дека во нејзе додаваш јагленихидрати.

Па има дебата дали треба да се додаде вода. Тоа зависи од квалитетот од доматите, ама ако не се доволно добри, на крај супата може да биде премногу воденеста.

Мислам дека дилемата е многу повеќе околу лебот отколку за краставицата, ама ние сметаме дека можеш да додадеш што сакаш, од друг зеленчук до овошје,“ изјавува Бариос.

Во својата верзија, претседателката користи:

- лук
- кромид
- половина краставица
- една до две зелени пиперки
- домати
- квалитетна сол
- оцет од шери
- екстра девствено маслиново масло

Слично либерален став имаат и од Академијата за гастрономија и туризам на Андалузија, од каде потсетуваат дека најголемиот дел од оригиналните рецепти за гаспачо се анархични, и се базираат на тоа што на луѓето им било најдостапно.

Проблемот на Гарсија со краставицата е што не може да најде начин да го балансира нејзиниот вкус, „бидејќи таа е една од оние состојки што ги сметам за инвазивни. Без разлика колку се трудиш да ги балансираш тие пак ќе излезат на површина.“ Околу инвазивноста на краставицата се согласуваат и од Академијата за гастрономија.

Во 2016 Шпанците го обвинија и Џејми Оливер за тероризам кога направи паеља со чоризо (шпанска чајна салама).

7 август 2019 - 13:47