Зошто Дикаприо не треба да добие Оскар за "Повратникот"

Не лошо за Дикаприо, туку е лошо за глумата, а логиката на филмскиот критичар Мат Золер Сајтс е дека "глумењето не е тест на издржливост, иако тоа човек не би можел да го сфати од годинешниве номинации за Оскар за најдобар актер."

"Победа за Дикаприо во 'Повратникот' само ќе ја зацврсне тенденцијата актерската големина да се гледа од перцепција на трансформација и мизерија. Во овој систем на вредности, забелешките на гледачот од типот 'едвај го препознав,' и 'Боже, гледај колку ослабел!' и 'стварно ли он скокна во провалијата' го заземаат местото на понијансираните оценки на актерската уметност. Глумењето стана стоичка рутина, форма налик монашко себе-камшикување за да се докаже посветеноста кон сопствениот занает," пишува Сајтс.

Според него најекстремна варијанта на сето ова е "заблудата меѓу најмногу глумење и најдобро глумење." Ова е најприсутно во категоријата Најдобар Актер, каде Сајтс објаснува дека најмногу помага ако глумиш некој: терминално болен или ако страда од хронична состојба ("Shine"), останал неподвижен ("Born on the Fourth of July," "My Left Foot," "The Theory of Everything") или има некој деформитет ("The Elephant Man," "The English Patient") или е трансформиран за повеќе да личи на некој историска личност ("Lincoln").

Анализирајќи го "Повратникот", што сè прави Дикаприо во него и како паралелно со ова постојано се прераскажува приказната за тоа дека филмот е сниман во тешки временски услови и на лош терен, Сајтс го повторува коментарот на Мат Приж дека Леонардо не треба да добие Оскар за филмов, затоа што тоа ќе испрати погрешна порака.

"Од оваа перспектива, настапот на Дикаприо станува физичка манифестација на неговата желба да добие Оскар (а неговите обожаватели сакаат тој да добие Оскар, конечно, 22 години по неговата прва номинација за "Што го јаде Гилберт Грејп"). Ова исто така изгледа во согласност со останатите номинации за Оскар во последно време, кои главно беа докажување на нечија посветеност кон уметноста на глумење преку страдање пред или за време на снимањето (иако некои забележителни перформанси со слабеење не добија номинација, како Кристијан Бејл за 'Машинист')," појаснува Сајтс.

Хронолошки, трансформациите ги почнува Роберт Дениро за улогата во "Разгневениот бик", за која го добива Оскарот за најдобра машка улога. Истата формула му успева и на Метју Меконахи во "Далас Бајерс Клуб," а Том Хенкс за "Бродоломец" добива номинација, откако продукцијата на филмот цела година е ставена на пауза за Хенкс да може да ослабе триесетина килограми.

Уште во 1981-ва кога Дениро добива номинација за "Разгневениот бик", филмската критичарка Полин Каил го има истиот став околу издржливоста во глумењето. Таа тогаш пишува: "Она што Дениро го прави во филмот не е баш глумење. Не сум сигурна што е. Дениро изгледа како да се има испразнето себеси за да може да стане улогата што ја игра, а потоа не добил доволно материјал за да се пополни себе; неговиот лик е подуена кукла која во себе има само парченца од некаков карактер и некаков религиозен, полу-апстрактен концепт на вина."

Сајтс на крај прилично капитулирачки признава дека критичарите истово го зборат пред секои Оскари, и дека ништо не се менува. Што се однесува до Дикаприо тој има најпофални зборови за неговиот настап во Титаник, Големиот Гетсби или Волкот од Вол Стрит.

"Дикаприо во најдобрите моменти не го ни фаќаш дека глуми, или пак не го сметаш она што тој го прави за глума, иако е тоа. Мислам дека делумно причината зошто тој има играно толку многу мрачни, насилни, депресивни страдалници во последниве 15 години е дека тој има паднато на логиката дека ако не слабееш или не се дебелееш, не го менуваш изгледот, или не трошиш многу време во екстремни временски услови или на друг начин ја докажуваш својата решителност, тогаш тоа не е глумење - или, можеби подеднакво лошо, тоа е глума за слабаци, во која се' се сведува на облеката и шминката и слушање на режисерот.

А можеби и е во право. Кери Грант никогаш нема освоено Оскар," пишува Сајтс.

23 февруари 2016 - 10:26