Спилберг и Лукас за Холивуд

Со парите се претера

Иако повеќе од кој било друг направија Холивуд да се навлече на блокбастери, Стивен Спилберг и Џорџ Лукас сега сметаат дека ваквиот бизнис модел е неодржив.

Зборувајќи заедно со Лукас на една универзитетска панел дискусија, Спилберг им најави на студентите дека може да се очекува голема имплозија на доминантниот бизнис модел на Холивуд.

"Ќе бидат потребни само неколку утки на благајните на големи и извикани филмови за да пропадне сегашниот модел специјализиран за екстра скапи спекатакли базирани на ефекти," изјави Спилберг проценувајќи дека ќе биде доволно да пропаднат 3-4 мегабуџетски филма за да се смени целата парадигма.

Лукас се согласува со ова. Според него, недостатокот од простор за авторски филмови во Холивуд, брзиот раст на Нетфликс и останатите некинотечни форми на дистрибуција ќе придонесе најкреативните филмски автори да мигрираат кон телевизијата.

"Замислете, еден Спилберг и еден Лукас денес тешко можат да внесат свој филм во кино салите," вели Лукас а Спилберг додава дека денешните студија полесно се решаваат да дадат 250 милиони долари за еден филм отколку да финансираат десетина помали но вредни а можеби и историски филмски остварувања. 

Опседнатоста со суперхерои и продолжетоци на познати филмови е исто така финансиски базирана. Таквите филмови носат многу пари од неамериканските пазари а Холивуд не сака да троши запознавајќи ја публиката со нови 'брендови' па затоа највеќе се занимава со реицклажи на познати и сакани филмски ликови.

Дека денес доминантниот холивудски модел е неодржив смета и искусната продуцентка Линда Обст  (Sleepless in Seattle, How to Lose a Guy in 10 Days):

"Колку пати може да гледаме како на екран се уништуваат истите градови? На колку креативни начини можеш да уништиш еден град?," прашува Обст.

17 август 2013 - 09:05