Отпуштањето на Џејмс Ган му штети на цел Холивуд

Пред околу 10 години режисерот на Чувари на Галаксијата, пишува неколку твитови во кои се „шегува“ со работи како силување и педофилија. Твитовите деновиве повторно се актуелизираат и пред целата работа да стане уште понеподнослива за Дизни, компанијата решава да го отпушти авторот на мега-успешните Чувари на Галаксијата 1 и 2.

По отпуштањето, Ган на Твитер пишува: „Многумина што ја следат мојата кариера знаат, дека кога почнував себеси се сметав за провокатор, правејќи филмови и шеги кои беа скандалозни и табу. Како што повеќе пати имам јавно истакнато, јас се развив како личност, како што се разви и мојата работа и мојот хумор.“

„Она што го прави Ган толку интересен филмаџија доаѓа токму од тоа место. Причината зошто го ставаш него да напише римејк на ’Dawn of the Dead’ е затоа што тој ќе создаде зомби новороденче. Причината зошто на него му даваш да ги постави основите за филм за Скуби-ду е затоа што тој ќе направи вистински хорор филм. Причината зошто го ангажираш да го пишува и режира твојот џиновски космички суперхеројски филм е затоа што тој ќе го обои со такво непочитување кон околината што ќе го направи да се истакне во пренатрупаното поле на џиновски суперхеројски филмови.

Дали содржината на старите твитови е одвратна? Апсолутно. Без порекување. И Ган, сега 51, бил во 40-те години кога ги пишува, што баш и не е дете. Меѓутоа се додека нема извршено кривично дело, мора да се прави разлика меѓу тоа што некој човек БИЛ и што истиот човек Е. И ние мора да го имаме предвид фактот дека луѓето можат да се менуваат,“ пишува во својот текст за Холивуд репортер, поранешниот уредник на списанието Марк Бернандин.

Како пример за „правење разлика“ Бернандин ги наведува случаите со Розен Бар и Џефри Тамбор. Првата се облекува како Хитлер, се заканува дека ќе пече Евреи во рерна, и постојано објавува расистички твитови и теории на заговор; вториот е човек кој создава непријатна работна атмосфера на снимањето телевизиски серии.

„Овие луѓе ги отпушташ денес за нешто што таа или тој го направиле вчера.

Меѓутоа, според сите сведоштва од неговите соработници и колеги, Ган Е добар човек кој е посветен на еднаквоста и застапеноста, кој на снимања се однесува на фер и достоен начин, и кој зборува против неправда кога ќе ја забележи. Тој бил, како што изгледа, шупак. Дали сакам шупаци? Не. Ама попрво би прифатил шупак кој сфатил дека е шупак и сам се сменил на подобро пред сите ние да забележиме дека бил шупак.

Понекогаш животот на уметниците знае да е комплициран. Тие се луѓе преполни со контрадикции. Тие се чувствуваат под притисок дека треба да ги туркаат границите, да прават бука, да бидат забележани. Некогаш поривот да се направи тоа е затоа што се водени од некоја длабоко всадена манија. Друг пат затоа што процесираат трауми од минатото, и физички и психички. Меѓутоа никој не нив не е статично суштество... тие секогаш еволуираат, се обидуваат да најдат верзија од себеси која ќе дозволи и креирање.

Да се инсистира секој уметник што работи за тебе да нема никакво минато, никогаш да нема остри рабови кои биле израмнети со тек на време, е инсистирање на луѓе кои ќе прават досадна уметност.

Јас сакам луѓе кои го предизвикале светот околу себе. Сакам луѓе кои биле несекојдневни и неприфатени. Сакам луѓе кои правеле пекол. Сакам Дејвид Боуви и Тим Бартон и Џон Вотерс и Сара Силверман и Мел Брукс и Патон Освалд и Еди Марфи.

Сакам гласови кои носат - а многу од тие гласови не секогаш го кажуваат она што сакаме да го чуеме,“ порачува Бернандин.

26 јули 2018 - 09:29