Како беше упропастен Пиксар

15 години Пиксар беше најдоброто студио за анимација на планетата. И после, Дизни го купи.

Во еден од бестселерите на 2014, се објаснува дека продолженијата "можат да претставуваат еден вид креативен банкрот", а пример за тоа како треба да се работи беше Пиксар за кој во книгата беше објаснето дека ако студиото почне да прави само продолженија тоа ќе издише и ќе умре. Книгата е на Ед Катмул, претседателот на Пиксар.

Без разлика што пишува тој во книгата, ситуацијата на терен е дека наскоро излегува Коли 3, продолжение на анимираниот филм Коли од 2006, кој во тоа време беше прогласен за најлошиот филм на Пиксар. Освен тоа, во ред за работа чекаат Неверојатните 2 и Приказна за играчките 4.

"Болната пресуда е неспорна: Златното доба на Пиксар заврши. Тоа беше 15-годишна неспоредлива комерцијална и креативна исклучителност, почнувајќи од Приказна за играчките во 1995 и кулминирајќи во извонредната тројка на Воли, Нагоре и Приказна за играчките 3 (да, продолжение е, ама одлично). Од тогаш другите анимациски студија прават конзистентно подобри филмови," пишува Кристофер Ор во Атлантик.

Како пример го дава студиото Лајка и нивните "стоп-моушн" ремек-дела како Коралајн и Кубо. Како и Волт Дизни кои прават комплетен пресврт и се враќаат со филмови како Снежното царство и Биг хиро 6. Потврда за ова доаѓа и од годинешните Оскари, каде Дизни има два филма номинирани за најдобар долгометражен филм, а Зутопија и го освојува Оскарот во оваа категорија. Во исто време Пиксар, со Барајќи ја Дори, не беше во никаква конкуренција.

Во тоа време Пиксар совршено владее со два сегмента: техничката изработка на филмовите (од движењето на милионите поединечни влакна во Чудовишта, до играта меѓу светло и вода во Барајќи го Немо), и "раскажување две приказни во исто време, прва која е детска и е поставена врз втората што е со далеку покомплексна поента и наратив."

Темата на која Пиксар го има најголемиот успех во текот на првата деценија е родителство (Барајќи го Немо, Неверојатните, Чудовишта...). Она што во тоа време во Пиксар го разбираат е како да ги постават односите меѓу родители и деца. Па во времето кога излегува Приказна за играчките (1995), тогашниот ЦЕО на Дизни, Мајкл Ајзнер, изјавува "кој ќе сака да гледа филм за дете што си игра со кукли?" Како што објаснува Ор, она што Дизни тогаш не го сфаќаат "а е суштинско, е спротивното: Приказна за играчките е филм за кукли кои сакаат да бидат играни од мало дете."

"Оваа инверзија ја комплицира и интензивира емоционалната моќ на филмот. Во нивната желба за внимание од 6-годишниот Енди, играчките - посебно Вуди и Баз Лајтиар - ја одразуваат детската желба за привлекување на вниманието на родителите. Секако дека Енди не е родител, Тој е дете, а на неговите играчки им се дадени претежно улоги на возрасни. Па дури и кога, на одредено ниво, Вуди и Баз играат деца на родителот Енди, на друго тие се родители на детето Енди: неговата среќа е нивна одговорност, и тие ќе прибегнат кон најекстремни замисливи мерки за тоа да го обезбедат," го објаснува Ор процесот на Пиксар.

Кога Дизни го забележува успехот на Приказна за играчките (на која е дистрибутер и ко-финасиер), тие веднаш бараат да се направи продолжение на цртаниот што ќе биде директно за на видео (како Кралот лав 1,5), Пиксар се спротивставува на ова, по основа дека сакаат да создаваат само исклучителни проекти, па седнуваат и со "вратоломна брзина создаваат продолжение кое ги постигнува високите стандарди поставени од првиот дел."

Во својата книга, Катмул признава дека токму Приказна за играчките 2 е моментот во кој се оформува вистинскиот идентитет на Пиксар, "бидејќи тоа не е само продолжение на оригиналот, туку го збогатува... и ја збогатува основата за понатамошното тематско развивање на приказната, што се остварува речиси една деценија подоцна во Приказна за играчките 3."

"И тогаш, по Приказна за играчките 3, магијата на Пиксар почна да бледее. Последниот филм од златната ера, беше исто така првиот филм почнат по купувањето на Пиксар од страна на Дизни во 2006 за 7,4 милијарди долари.

Продолженијата кои следуваа - Коли 2 во 2011 и Универзитет за Чудовиште во 2013 - немаа никаква тематска или емоционална поврзаност со филмовите од кои произлегоа. Иако подобар од овие два, Храбра од 2012, исто така беше разочарување. Студиото се врати со Одвнатре надвор во 2015, но инфериорните Добриот диносаурус и Барајќи ја Дори само го потврдија севкупното пропаѓање на Пиксар, кое беше посебно забележливо наспроти оживувањето и растот што се случуваше во Дизни Анимејшн," пишува Ор.

15 мај 2017 - 11:33