Јутјубер ги поправи подмладувањата во Ајришмен

Скорсезе потроши милиони од парите на Нетфликс за софтверско подмладување на неговата звучна актерска ергела во последниот филм, за да ги долови во различни делови од нивните биографии. Нам не ни пречеше но некои не беа најзадоволни од резултатот. Јутјубер седнал и со слободен софтвер за недела дена видливо го поправил она што овие големите го забрљале.  

Не можеш многу да замериш на идеја за мафијашки филм кој ќе го прават Скорсезе, Де Ниро, Пачино, Пеши. Проблем е само што Де Ниро има 76, Ал Пачино 79, Џо Пеши 76 а Скорсезе сака да го покаже животот на нивните ликови во период од некои 50-тина години.

Се прави тоа, не дека е чудо, но пицајзли замерија дека резултатот не е најсјаен: на пример во сцената во која Ширан на Де Ниро тепа луѓе, во филмот тој е во доцните 20-ти години, ликот му е како на 50 години а се движи како човек на 70.

И пазете сега, Јутјубер, со слободен софтвер за дипфејк седнал и ги гибнал сцените и тоа сега навистина изгледа подобро. Вика дека работел сам и дека му требале само седум дена.

п.с. забелешките на оваа тема не се ништо во однос на едни коментари што случајно ги начекавме на македонски фејсбук пост; локални „зналци“ се беа собрале и со „авторитетна“ леснотија му препорачуваа на Скорсезе да го премонтира филмот или едноставно, да оди во пензија. Ама, таков е нашиот софтвер и тука нема поправање.

8 јануари 2020 - 16:06